Власта појаснува за придобивките од пописот, опозицијата и понатаму бара одложување

фото Архива

Дебатата во јавноста за најавениот попис продолжи и вчера, институциите со појаснувања на процедурите и придобивките за попишувањето на дијаспората, а опозицијата и натаму со активности за одложување на статистичката операција, откако беше вратена нивната иницијатива за поништување на Законот за попис во Собранието.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски порача дека пописот е исклучиво статистичка операција и оти ДЗС ќе ја спроведе на таков начин, по сите стандарди.

-Свесни сме дека ќе има политички притисоци, но до нас е дали ќе успееме да одолееме. Цврсто сме решени да истраеме во тоа и оваа операција навистина да биде само статистичка, рече вчера директорот Апостол Симовски, на панел-дискусија посветена на пописот.

На ДЗС, како што рече, е да собере точни и квалитетни податоци и тоа и ќе го направи, а како тие податоци понатаму ќе бидат третирани, потенцира, не зависи од нив.

За разлика од пописите во 2002 и 2011, појасни Симовски, со сегашниот се опфаќаат и нашите граѓани кои се надвор од државата повеќе од една година, бидејќи цениме дека државата има огромен интерес да ја знае бројката државјани кои се надвор од неа, каква е нивната структура по сите основи, кога заминале од државата во кои правци и во кој временски период заминале од државата. Не сум целосно сигурен дека може да се дознае точната бројка, вели Симовски, но овие податоци може да постават основа за проценка на целокупната бројка.

Тој појасни дека за овие лица се дава можност некој нивен близок да даде податоци, но, како што рече, строго ќе се води сметка кој ги дава податоците и како ги дава. Не случајно, потенцира Симовски, лицето кое ги дава податоците за друг го дава својот матичен број бидејќи ќе сноси одговорност ако се обиде со намера да даде податоци од она што е реалноста.

Пописот, вели е, да се види кои сме, колку сме и какви сме, не само по етничка или верска припадност, туку по сите други карактеристики кои, како што потенцира, се многу поважни.

Неговата иницијатива во пописот да нема белези за етничка и верска припадност, од која под притисок на јавноста и невладините организации се откажале, имала за цел, пред се, да се избегне политизација на овој процес кој, како што рече, треба да е само статистичка операција.

Од Владата, пак, преку соопштение истакнаа дека пописот на дијаспората ќе помогне да се преземат политики и мерки кои ќе ја намалат и спречат миграцијата. Попишувањето на лицата државјани на Република Северна Македонија кои во периодот на спроведување на Пописот 2021 живеат или престојуваат во странство, наведоа од Владата, ќе се врши по пат на самопопишување, односно саморегистрација преку онлајн-апликација достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика (ДЗС), во периодот од 1 март до 21 април 2021 година.

-Овие граѓани влегуваат во категоријата на население за кои ќе се обезбедат податоци со пописот под името „вкупно нерезидентно население” и тоа се лицата, државјани на Република Северна Македонија, кои во времето на пописот престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив, информираше владината Прес-служба.

Услов за да се самопопишат, прецизираа, е точниот единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ). Начинот на попишувањето на овие лица е во согласност со Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година и Упатството за самопопишување на лицата отсутни во странство, што ги донесува директорот на ДЗС.

За лицата со место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, кои за време на Пописот се отсутни во странство, а не се самопопишале преку веб-апликацијата, попишувањето се врши во нивното последно вообичаено место на живеење во Република Северна Македонија, ако на таа адреса има полнолетен член на домаќинството или друго лице што може да ги даде сите потребни податоци за овие лица.

– Пописот на оваа група граѓани ќе даде информации за човечкиот капитал, бројот и структурата на луѓето кои заминале, нивното образование, возраст, со цел преземање политики и социоекономски мерки кои ќе ја намалат и спречат миграцијата. Овие информации ќе помогнат во планирањето на нови работни места во однос на побарувачката на пазарот на трудот, креирање напредни младински политики и спречување на т.н „одлив на мозоци”, односно заминување на високообучени и квалификувани луѓе, наведува владината служба за информирање.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во објава на Фејсбук вчера напиша дека „владиното мнозинство не ја примило иницијативата за одложување на пописот под изговор дека не постоела институцијата Собрание на Република Македонија”.

-Владиното мнозинство не ја прими граѓанската иницијатива за одложување на пописот кој е очигледен фалсификат. Изговорот е дека не постоела институцијата Собрание на Република Македонија. Кој се плаши и бега од сопствениот народ срамно завршува. На утрешната седница на Централниот комитет ќе предложам да отпочнеме со собирање на граѓански потписи во градовите и селата. Никој не победил народ. Ќе ги имаме потписите од пратениците и потписите на народот, напиша Мицкоски, а во објавата го сподели и дописот од Собранието.

Претходно во изјава за медиумите Мицкоски рече дека доколку Владата, сепак реши да предложи одложување на пописот, за нив идеално време за попис е пролетта 2022 година, и оти јуни – јули „никој не прави попис”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот