Власта нема кворум, опозицијата нема милост

Бурно и без договор заврши кратката координативна седница на пратеничките групи кај собранискиот спикер Талат Џафери, на која главна тема беше денешната собраниска седница на која пратениците треба да ги гласаат законите од петтиот сет на економски мерки.

Партиите Алијанса на Албанците и Алтернатива досега поднесоа 32.000 амандмани за 20 закони и велат дека нема да ги повлечат сè додека нема дијалог за Предлог-законот за државјанства.

– Ако  се деблокира Законот за државјанство, тогаш ќе се деблокираат и сите други закони. Власта тврди дека има своја верзија за овој Закон, па предложив да седнеме и да ги усогласиме и двете верзии. Сите замолчеа, по што констатирав дека немаат таков предлог, туку дека напразно зборуваат пред медиумите – рече Скендер Реџепи, координатор на пратеничката група на Алијанса и Алтернатива.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски соопшти дека пратениците ќе бидат присутни на денешната седницата, но под услов на дневен ред да бидат ставени само точките од петтиот пакет економски мерки. И овој предлог, како и предлогот на Реџепи, бил одбиен од спикерот Џафери. Според Мицевски, СДСМ и ДУИ ги кочат економските закони, бидејќи  парламентарното мнозинство нема 61 пратеник за да обезбеди кворум за седницата.

– Тие го користат овој пакет закони бидејќи знаат дека немаат кворум, нешто што е нивна обврска, туку сакаат да ја искористат опозицијата да им обезбеди кворум и на утрешната закажана седница да протуркаат штетни  закони за кои треба да се дебатира, бидејќи сметаме дека се штетни за граѓаните и за државата – рече Мицевски.

ВМРО-ДПМНЕ предлага на посебна седница да бидат ставени четири закони, предлог-одлуката која се однесува на рокот на кризната состојба, предлог-законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност, предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од кризата и предложените измени на Законот за данок на личен доход.

Спикерот Џафери претходно најави дека на денешната 36-та седница двајца пратеници од парламентарното мнозинство од здравствени причини не можат да учествуваат. Тој ја обвини опозицијата дека ја злоупотребува здравствената состојба на пратениците и поставува ултимативни предлози што се неприфатливи.

Видео на денот