Власта не и попушта на опозицијата за законот за обвинителство

Нема никаков напредок во преговорите помеѓу власта и опозицијата за новиот предлог Закон за јавно обвинителство. И едните и другите велат дека не сакаат да отстапат ниту еден „чекор” за да можат преговорите да тргнат напред.

Од опозицискиот табор за „Слободен печат” велат дека преговарачкиот статус е во статус кво ситуација.

– Увидовме дека премиерот Зоран Заев не е баш многу искрен и фер во предлозите што ги понуди на последната средба. Ги анализиравме неговите предлози и тие всушност ништо ново не нудат од тоа што е и порано кажано како предлог, односно избор на нов обвинител во Одделот на ОЈО за организиран криминал и нов шеф во редовното обвинителство. Згора на се, тој ретерираше од својата идеја опозицијата да го предложи новиот републички јавен обвинител. Рече дека му било сугерирано дека тоа било противуставно и законски и ред други изговори. Имаме чувство дека тие не сакаат како власт да отстапат за ништо, а сакаат се да е по нивна желба. Така нема да има уште долго време напредок во преговорите – вели член на преговарачкиот тим од опозицијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Слободен печат“ рече дека ќе се залага јавниот обвинител да го бираат граѓаните.

– Ајде да го измениме Уставот со подршка на сите политички партии и нека бираат граѓаните јавен обвинител на непосредни избори. Ајде таква реформа да направиме, да не го нуди ни ВМРО-ДПМНЕ, ни СДСМ, да нема компромиси, туку јавен обвнител кој граѓаните ќе си го изберат. Ајде да договориме да не старее економскиот криминал, и да не биде само избрано или именувано лице. Да видиме што се случува во бизнисот, во администрацијата, во правосудството. Ние имаме административци со по неколку станови, вили, возила стекнати со плата. Да видиме како ги стекнале. Имаме судии и обвинители кои располагаат со сериозни имотни листови. Да учиме на успешни примери како оној од Естонија. ВМРО-ДПМНЕ ќе нема концесија кон никого – рече Мицкоски.

Од СДСМ, пак, засега не даваат конкретен одговор каде и како запнале преговорите. Единствено, кратко велат дека „прават буквално сè да се постигне заеднички консензус за градење на реформи во сферата на правосудството“.

Од досега познатото е дека власта предлага идниот јавен обвинител да се бира по редовна процедура и да мине низ филтерот на Советот на обвинители, барање со кое пак не се согласува опозицијата. Власта предлага и предметите на СЈО да продолжат од точката до која се стигнати, додека опозицијата бара сите предмети кои сега се во рацете на ОЈО, а се отворени по 30 јуни 2017 година да се запрат.

Поради политичките надмудрувања на политичарите, во Собранието на Македонија не може да мине ни идејата за назначување на вршител на должност потписник на сметката на тоа што остана од Специјалното јавно обвинителство. Тоа е нужно бидејќи доцнат платите за вработените во СЈО, има низа неплатени сметки, а прашање на време е кога вработените ќе излезат на улица и ќе штрајкуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот