Димитар Апасиев Фото: Принтскрин

 Власта најде начин да го протурка албанскиот за лиценците

Куп навреди и квалификации за неофашисти и необалисти, дека „тропаат глупости“ и дека „мајмуни се Албанците што зборуваат македонски“ си разменија Левица и Вреди во жестоката собраниска дебата по амандманите за Законот за заштита на децата, кој доби вето од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова зашто не е во согласност со амандманот 5 од Уставот

Куп навреди и квалификации за неофашисти и необалисти, дека „тропаат глупости“ и дека „мајмуни се Албанците што зборуваат македонски“ си разменија Левица и Вреди во жестоката собраниска дебата по амандманите за Законот за заштита на децата, кој доби вето од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова зашто не е во согласност со амандманот 5 од Уставот.

Откако претседателката не го потпиша указот за законот, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица поднесоа амандмани. До затворањето на весникот помина само амандманот на ВМРО-ДПМНЕ, според кој лиценци за негуватели и воспитувачи, освен на македонски јазик, ќе се издаваат и на албански јазик, на барање на кандидатот, а не по автоматизам.

Се очекуваше да помине и вториот амандман на власта, според кој и испитот ќе може да се полага и на албански јазик ако кандидатот го побара тоа. Ако законот се усвои со мнозинство и со Бадентерово мнозинство, претседателката е должна да го потпише указот.

Бурни реакции на амандманот на Левица

Бурни реакции предизвика амандманот на Левица, со кој се бара лиценци да се издаваат на службените јазици, а не само на албански јазик.

Сашко Јанчев Фото: Принтскрин

– Македонија не е двојазична земја, во Македонија во службена употреба не е само албанскиот јазик, туку и турскиот, влашкиот… и не знам зошто се форсира дека албанскиот е службен. Со нашиот амандман бараме не двојазичност, туку лиценците да се издаваат на службените јазици во државата. Со тоа правиме обид да ја спречиме дезинтегрирачката политика на двојазичност – рече Сашко Јанчев од Левица.

Сали Мурат од Европскиот фронт рече дека амандманот на Левица е контрадикторен, односно дека погрешно се толкува амандманот 5 од Уставот. Тој побара во амандманот да се прецизира каде се во службена употреба јазиците, дали на локално или на централно ниво.
Лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев констатира дека не станува збор за наивен закон.

– Вашата претседателка која забега во демохристијанство и која повеќе е верски поглавар отколку претседателка, добро е што стави вето на законот. Мислевме дека шверцератот на закони заврши со Талат Џафери, но вие го донесовте законот пред Нова година и мислевте дека луѓето ќе се разбегаат по празници и нема да забележат. Левица побара претседателката да го искористи ветото и таа на 31 декември стави вето. Законот го шверцувавте во Комисијата за енергетика, наместо во таа за социјална политика, оти таму со Илире Даути немаше да ви помине. Што вели суспензивното вето на Давкова, ништо не вели, дрн-дрн јариња – рече Апасиев.

Димитар Апасиев Фото Фејсбук: Апасиев

Тој се осврна и на забелешките на Венециската комисија за Законот за употреба на јазиците. Праша зошто само на албански да се издава некому уверение за лиценца, бидејќи не сме бинационална држава. Апасиев обвини дека ВМРО-ДПМНЕ ја спроведува „тиранската платформа“.

Апасиев: ВМРО-ДПМНЕ ја спроведува „тиранската платформа“

– Постигнување целосна јазична еднаквост, употреба на албанскиот јазик насекаде, браво вмровци. Финансирање албански институции, ете ја албанската академија. Имаме владина агенција за албански јазик, а немаме за македонски јазик. Браво за вмровците – рече Апасиев.

Халил Снопче од Вреди рече дека на крај памет не му е да му реплицира на Апасиев кој настапува со неонацистички говор, на што Бендевска го опомена да внимава како се изразува.

 

Халил Снопче Фото: Принтскрин

-Зошто не реагиравте кога Левица нè нарекува необалисти. На провокација се одговара со провокација. Во оваа држава, кога беше гарантирано образованието на албански јазик, протестираше ти (Апасиев) со твојата тајфа. Јас немам комплекс да ти се обратам на македонски за да ме разбереш. И правосудните испити треба да се на албански. Од каде таа нацистичка реплика од оваа говорница – му се обрати Снопче на Апасиев.

Апасиев му одговори дека Левица не подига споменици на Џемо Хаса и дека тој нема ништо против албанскиот јазик.

– Проблемот е вашиот иредентизам со кој градите паралелни општества – рече Апасиев.

Според Беким Ќоку од Вреди, наместо за суштински проблеми во државата, Левица се фаќа за јазикот.

– Не е добро да правите конфликт меѓу двете најголеми заедници. Правите спектакл и ништо повеќе. Кога сакате да провоцирате, тука сте. Гола шовинистичка и популистичка политика – рече Ќоку.

Беким Ќоку Фото: Принтскрин

Апасиев му одговори дека не го разбрал што зборува, бидејќи не ставил слушалки и обвини дека тој има двојно државјанство.

– Во една изјава ги нарекувате „мајмуни Албанците што зборуваат на македонски јазик“. Другпат кога ќе реплицирате, говорете на македонски за да ве разберам – рече Апасиев.

Снопче возврати дека Апасиев лаже, бидејќи Ќоку има само македонско државјанство и додаде да „не тропа глупости“.

Мнозинството ги отфрли амандманите на СДСМ и на Левица.
Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека е глупост дека законот е шверцуван во ненадлежна комисија.

Бојан Стојановски Фото: Принтскрин

– Мислев дека ќе зборуваме зошто 2.500 граѓани не можат да добијат лиценца за да станат негуватели и воспитувачи. Ниту еден граѓанин не може да добие лиценца оти електронскиот систем е нефункционален, а да потсетам, го инсталираше Драги Рашковски. Очекував некој да праша зошто тогашниот министер, а сега пратеник, не презел ништо за електронското полагање да тече непречено. Измените ги поднесовме зашто сакавме да дадеме можност и писмено да се полагаат испитот, тоа е суштината. Со овој амандман, лиценцата за работа се издава на македонски јазик, а доколку подносителот зборува на јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти, се издава на македонски јазик и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти. Секој граѓанин ќе ги добие документите на јазикот на кој ќе побара – рече Стојановски.

За Арбана Пашоли од ДУИ амандманите се противзаконски и рече дека Европскиот фронт ќе гласа против. Таа оцени дека дејствувањето на претседателката и на Владата е непочитување на албанскиот јазик и напад на заедничката држава.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот