Власта изгуби нерви – и со слободата на медиумите се претера!

Нервозата што на македонската политичка сцена ја внесе мега-аферата „Рекет“ кулминираше викендов заканувајќи се да предизвика досега најотворен судир помеѓу актуелната власт и безмалку целата новинарската заедница. Со тоа може да биде загрозен еден од врвните приоритети на оваа влада – заштита на слободата на медиумите и на изразувањето, што ѝ донесе големи политички поени и меѓу македонските граѓани и кај меѓународните политички фактори.

Имено, неколку опозициски медиуми и парамедиумски портали, на чело со „Инфомакс“, објавија дел од изјавата на бизнисменот Орце Камчев дадена пред јавниот обвинител, која на непознат начин „протекла“ од Обвинителството.

Од објавениот факсимил може да се прочита дека Камчев пред Русковска тврдел дека историјатот на контактите со Бојан Јовановски и Зоран Милевски (осомничени во „Рекет“) започнува од септември 2018 година кога Боки 13 првично му нудел „фиктивен проект за продажба на франшиза за некаков „Фешн мол“.

На вториот состанок, според Камчев, Боки 13 донел „тип на договор што беше потпишан од директорот на таа компанија за франшиза, а тоа е синот на обвинителката Катица Јанева“. Камчев вели дека му биле побарани 4 милиони евра за „ноу хау“ и дека тој сфатил оти станува збор за фиктивен проект, па го одбил.

Следувал и втор обид од Јовановски, овој пат да му продаде „ексклузивна лиценца за старечки домови, од некоја европска асоцијација“, за која Камчев би добил ексклузивитет за територијата на Скопје.

Згора на ова, неколку опозициски портали, цитирајќи го „Инфомак“, додавајќи непроверени информации и слободни интерпретации, се обидоа што повеќе звучни имиња на функционери да прогласат за „вмешани“ во аферата. Тоа придонесе спомнатите да најават тужби до медиумите што ја објавија изјавата и шпекулациите. Со тоа Владата прекрши еден од сопствените прокламирани принципи – да не тужи новинари, што наиде на лавина критики и реакции од новинарските здруженија, истакнати медиумски работници, па дури и од државни тела задолжени за заштита на медиумските слободи.

Прв „потегна нога“ премиерот Зоран Заев, кој најави тужба за, како што ги оцени, објавените лаги и клевети.

– Прво ја повикувам јавната обвинителка да ја потврди веродостојноста на записникот што е направен и чесно е да каже дали е тоа така кажано. Второ, секако дека ќе тужиме, зашто тоа не е точно. Неколкупати јас отфрлав каква било поврзаност со Боки 13, Бојан Јовановски, врзана со случајот „Рекет“ и до ден-денеска стојам на тие ставови. Апсолутно е обврска на Обвинителството да објави јавно дали тоа така е кажано. Како што видов рано изутрината, објавена е само една страница од записникот, а потоа се прераскажува, што претставува сериозна манипулација. Секогаш сакам да ги охрабрам новинарите да истражуваат, да доловат сѐ што е важно за јавноста, но да прават манипулации, за тоа има одговорност. Јас, лично, а верувам заедно со мене Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Фросина Ременски, сите што сме споменати, ќе ги повикам заедно со мене да поднесат тужба за клевета и таму да ги отвориме документите и на јавноста да ѝ докажеме дека лаже новинарот што го лиферува ваквиот запис – рече Заев.

Набргу потоа сите спомнати од премиерот како потенцијални тужители, а и во текстовите на „Република“, „Курир“ и „Инфомакс“ како „замешани во аферата“, се огласија со потврда дека ќе тужат.

Министерката Шекеринска на својот фејсбук-профил напиша дека нема да бара извинување, туку веднаш ќе поднесе тужба.

– Ќе ја тужам „Република“ за нејзините лаги, затоа што реакции до нив се непотребни и залудни. Сите знаеме дека со секој од своите непотпишани текстови, си одработува за своите „непознати” газди. Газдите ни ја крадеа државата, тие, пак, имаа задача да ја лажат. Лажат и манипулираат со јасна цел, која ја гледаме на дело секој ден во судовите: да ги оневозможат, попречат или одложат сите постапки за криминалот, корупцијата и злоупотребите што ги чувме во „бомбите“ и ги видовме на дело во претходните 10 години – реагираше Шекеринска.

Шефот на дипломатијата Димитров, пак, прво побара повлекување на текстот на порталот „Република“, во спротивно најави тужба.

– Барам веднаш „Република“ да ја повлече ноторната лага дека сум вмешан во случајот „Рекет“ и да ми се извини за одвратната инсинуација во текстот, чиј самиот наслов нема врска со наводите внатре. Во спротивно, првпат во животот ќе тужам. Нема да дозволам пропагандата да ме валка во случај со кој јас немам апсолутно никаква врска – вели Димитров во демантот.

И пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски, побара повлекување на текстовите на „Република“, „Курир“ и „Инфомакс“, заканувајќи се дека во спротивно ќе тужи.

– Селективното презентирање на содржината од објавениот записник со манипулирање и насочување кон заклучоци и новинарски интерпретации за некаква моја вмешаност и вмешаност на мојот сопруг во случајот „Рекет“, ги ценам како груби клевети и невистини. Медиумскиот суд не може да биде замена за институционално постапување. Со оглед на тоа што лицитирањето со вината и манипулирањето со ширење дезинформации и клевети за мене и за мојот сопруг ги сметам за напад врз мојата чест и углед, што повлекува и чувство за загрозување на мојата безбедност, ќе ги преземам сите законски дозволени средства за заштита. Барам новинарот што е автор на текстот во порталот „Инфомакс“ и порталот „Република“, кој објави клеветнички наслов да го повлечат веднаш и да се извинат, во спротивно се приклучуваме кон заедничката тужба за клевета од премиерот Зоран Заев и други – напиша во својата реакција пратеничката на СДСМ Ременски.

Оваа канонада со тужби ги поттикна новинарските здруженија, ЗНМ, МАН, Советот за етика во медиумите, како и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, да објават соопштенија во кои ги повикуваат функционерите да се воздржат од тужби. Истовремено, тие ги повикаа медиумите да се држат до професионалните стандарди.

„Воедно ги потсетуваме претставниците на власта дека со самото прифаќање на функцијата, прифатиле да бидат предмет на јавна политичка дебата, а со тоа и предмет на надзор на јавноста и на потенцијално силна јавна критика преку медиумите во поглед на начинот на кој ги извршуваат своите функции“ – се вели во реакцијата на ААВМУ.

Агенцијата постојано апелира првенствено да се користи правото на исправка или одговор наместо директно да се прибегнува кон тужби против новинари и медиуми, особено кога станува збор за носители на јавни функции.

ОЈО за гонење организиран криминал во почетокот на неделава ја прошири истрагата за „Рекет“, а покрај двајцата осомничени за случајот, Боки 13 и Зоран Милески Кичеец, од средата во притвор за „Рекет“ е и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Таа е осомничена дека ја злоупотребила службената положба и овластувањата и се стекнала со лична корист, со тоа што најпрво влијаела за ослободување од притвор и враќање на патната исправа, а потоа дала предлог да се олесни положбата на осомничен во „Империја“ со негово прифаќање како сведок во постапката.

Обвинителство: Изјавата е автентична, истражуваме како „протекла“

Јавната обвинителка Вилма Рускоска ја потврди автентичноста на дел од изјавата на Камчев.

– Оригиналните списи од предметот ги поседува само Обвинителството, а копија од нив беше доставена до надлежниот суд – информира обвинителката за МИА.

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, пак, најави дека ќе преземе дејства за утврдување на фактите како тие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите. Обвинителството порача дека ваквите „неодговорни извори на информации и медиуми со ограничена цел, нема да влијаат врз решеноста на обвинителството овој случај да добие комплетна завршница“.

ОЈО во официјално соопштение оцени дека објавувањето на исказот на Камчев е повреда на тајноста на постапката.

„Обвинителството нема да ги коментира информациите изнесени во јавноста, но ќе потенцира дека откривањето на доверливи информации од страна на поединци претставува опасност и штета за севкупниот општествен систем и е кривично дело. Со протекување на ваков вид документи, се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапката“, посочуваат од ОЈО.

ЗНМ и СЕММ: Политичарите да се воздржат од тужби

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) бараат медиумите да се држат до професионалните стандарди, а политичарите да се воздржат од тужби.

„ЗНМ и СЕММ сметаат дека јавните функционери треба да се воздржат од тужби за новинари. Патот кон професионализацијата на медиумите треба да се води преку саморегулаторните тела. Во согласност со добрата практика на европските земји, прагот на толеранција кај политичарите мора да e повисок и тие треба да постават пример за квалитетно користење на механизмите и телата за саморегулација“ – соопштија ЗНМ и СЕММ.

Тие ги повикуваат медиумите да се држат до професионалните стандарди при известувањето, објавувајќи проверени и точни информации, следејќи го јавниот интерес, а не во полза на пропагандистички наративи.

„Апелираме до медиумите да се стремат да ги почитуваат врвните професионални и етички стандарди, бидејќи кршењето на тие стандарди не е во ничиј интерес, а најмалку во полза на довербата во медиумите. Дополнително, праќаме порака до Основното јавно обвинителство дека непримерно е да дава оценка за тоа кои медиуми се (не)одговорни, потсетувајќи дека тоа е работа на еснафот и на публиката“ – се вели во соопштението.

БОНУС ВИДЕО

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот