Власта и опозицијата се скараа околу Кодексот за етичко однесување

Фото: mia.mk

Власта и опозицијата денеска се судрија околу потпишувањето на изјавите на Кодексот за етичко однесување кои ги бара Советот на Европа. Расправата на Комисијата за мандатно,-деловнички и имунитетни прашања, на чиј дневен ред се најде Извештајот за спроведувањето на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието, во делот на потпишување на Изјава за прифаќање на одребите од Кодексот, беше одложена. Според опозиционерите, причината е немањето на материјали за работа, а според власта пак, потребни се дополнителни преговори меѓу партиските координатори.

Во меѓувреме, на изјавите потписи ставија само 62 пратеници од владејачкото мнозинство, додека останатите народни избрници не се потпишаа. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за Слободен печат вели дека, како пратеничка група не гледаат причина зошто би ги потпишале изјвите на Кодексот, кога власта, од ветеното ништо не исполнила.

– Етичкиот кодекс го донесовме и го потпишавме консензуално надевајќи се дека ќе се почитува. Но, очигледно такво нешто не се случи. Не гледам причина зошто би ги потпишале изјавите. Етичкиот кодекс е поврзан со многу работи во државата. Во етичкиот кодекс спаѓа и почитување на пратениците и Деловникот за работа на Собранието. Под етика спаѓа и злоупотреба на европското знаменце на закони кои немаат допирни точки со европската регулатива, под етика спаѓаат и скратените постапки кои доаѓаат во Собранието, но и почитувањето на собраниските постапки и процедурите за можноста за дискусија на одредени закони и решенија кои власта ги избегнува. Дополнително, на пленарните седница само пратениците од позицијата постојано се опоменуваат за искажан став и злоупотреба на говор, што не е случај за пратениците од власта, на пример кога погрешно интерпретираат име на политичка партија, вели Мицевски.

Од друга страна, пак, заменик претседателот на Комисијата од редовите на СДСМ Дарко Каевски вели дека е непходно Кодексот за етичко однесување да биде потпишан од секој пратеник бидејќи така ќе се обврзе на пристојно однесување, но и на други одредби кои превенираат во спречувањето на корупцијата, судирот на интереси и непотизмот кај пратенциите.

– За жал останатиот дел од пратениците од опозицијата овој Кодекс го немаат потпишано. Верувам дека во периодот кој што следи ќе се изнајде начин како и овие пратеници да ја потпишаат оваа изјава на Кодексот за однесување, се со цел подобро да се превенира, да се задржи нивото на функционирање на Собранието. Јас сум убеден дека секој еден пратеник треба да го потпише, за да го вратиме дигнитетот на функцијата пратеник, затоа што во јавноста перцепцијата за функцијата – пратеник полека опаѓа и тоа не е добро за демократските процеси – вели Каевски.

Со изјавата на Кодексот за етичко однесување пратениците се обврзуваат дека ќе го чуваат угледот и честа на Собранието, нема да да се навредуваат, додава Каевски.

-Тука се и деловите каде пратениците се обврзуваат дека нема да има корупција, судир на интереси, непотизам. Тоа се работи кој секој еден пратеник треба да ги потпише. Има 19 препораки од ГРЕКО, од кои 4 се однесуваат конкретно на Собранието и на пратениците. Првата забелешка е дека Кодексот не е почитуван од сите пратенците, втората е во делот на лобирањето, третата се однесува на казнените одредби за пратениците, односно дека за нив нема казни и четвртата дека ДКСК, не отворила предмети за пратеници. Во изминатите две години отворени се само девет постапки за пратеници. Од нив само на двајца пратеници им е изречена парична казна а за другите седум постапките се отфрлени поради застареност или затоа што биле неосновани, вели Каевски.

Координаторот на Коалицијата Алијанса и Алтернатива Скендер Реџепи, за Слободен печат вели дека деновиве на координација ќе одлучат дали да ги потпишат изјавите на Кодексот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот