Власта е многу повеќе од метла и од купка од парфеми

Луј 14 (1643 – 1715), Кралот Сонце, Le Roi Soleil, е европски, а можеби и светски рекордер во должина на владеење. Верувале или не, владеел цели 72 години. Често го спомнувам овој интересен лик кога пишувам за страста, но и за вештината на владеењето. Па си велам, можеби не е лошо и сега, кога премиерот Зоран Заев ја подготвува операцијата „Метла“, да потсетам на овој владетел.

Луј 14 станува крал како четиригодишно дериште, а реално почнува да владее на возраст од 22 години. Биографите признаваат дека тој бил инфантилен медиокритет, скромно образован, некреативен, славољубив и бескрајно суетен. Но, од доблестите му се признаваат големата вештина да манипулира со луѓето, говорничките способности, природното достоинство во позата и наклонетоста кон редот и правдата, кога тоа не ги засега неговите прерогативи.

Она што Луј го става во редот на најголемите европски владетели е тоа што се обзнанува за еднаков со државата (L’etat, c’est moi – државата, тоа сум јас). Многу често погрешно се разбира оваа негова мисла, како потврда на неговиот апсолутизам. Сите монарси во историјата својата власт ја црпат од Бога и државата ја третираат како лична сопственост. Луј 14 не морал јавно да го соопшти она што се подразбира. Не, неговата идеја била да каже дека одбива да ја сподели власта со благородниците, способни само за ласкања и интриги.

Големиот крал е успешен владетел затоа што одлучува државните работи да им ги довери на умешни бирократи. Така, неговиот министер Колбер од Франција ќе направи трговска велесила, војниот министер маркиз де Лувуа ќе создаде силна армија, а монархот ќе го изгради Версај и ќе биде мецена на уметници од форматот на Молиер, Расин, Ла Фонтен и многу други. Со речникот на денешната политика, тоа се вика реформско владеење.

Кога прв пат го спомнав Луј 14, некаде пред петнаесеттина години, напишав дека нашите властодржци се луѓе од мал формат. Од оваа дистанца, гледам дека некои тогашни политичари веројатно сум обесправил со таа генерализација. Но, тезата останува непроменета – страста и вештината не се доволни да се владее успешно, треба да се има чувство дека власта е од Бога дадена, за да се создадат дела рамни на божјите. А за да се владее успешно, државните работи треба да им се доверат на вешти и способни луѓе, а не на неспособни и нереализирани „благородници“, или благонадежници, кои секогаш се врткаат на „дворот“, се лактаат и плетат интриги.

Добро, речете дека сето тоа е претерување, но сеедно. Историјата потврдува дека тоа е така. Ако она дериште Луј 14, кој целиот живот се бања во купки од парфеми, можело да сфати дека власта е многу повеќе од тоа – уживање, страст и можност да се манипулира со луѓето – тогаш би требало да се очекува во ова доба на демократија и општ цивилизациски напредок, таа работа да е апсолвирана и да се смета за општо место.

Уште една поучна порака од Кралот на Сонцето би можела да биде корисна за нашиве владетели: „Секогаш кога некому давам едно испразнето место, создавам сто незадоволници и еден неблагодарник“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот