Власта е како швепс

данило коцевски

„Власта е како швепс, ако многу се консумира, излегува на нос“. Насловот на текстов е афоризам на познат сатиричар од нашето соседство. Тој покажува колку нештата во регионот нè обединуваат (и нè разединуваат), особено во доменот на власта. Сатирата е луцидна и опасна работа и нема шега со неа. Власта си е власт и политичарите не треба долго да ја консумираат, зашто ќе им излезе на нос. А потоа, на сите нас ни излегува низ носот, што е многу непријатно. Притоа, се мисли општо на власта низ историјата (како теориско промислување), а не само на онаа дневнополитичката, иако двете не можат да се разделат. Историјата се меша со стварноста, а стварноста може да боли и, не дај Боже, да нè уништи. Затоа власта удира на нос, и треба внимателно со нејзината консумација, особено од оние што ја практикуваат.

Уште во претплатоновскиот период, иако во тоа време не постоел швепс, некои од теоретичарите сметале дека природното право треба да доминира во поредокот во државата. Како што во природата соколот го јаде славејот, и во државата посилниот треба да го јаде послабиот. И тоа не само во меѓународното воено право. Оттаму доаѓа и бељата: правото на посилниот да биде и природно оправдано. Тежнението за власт се свртувало против општеството, па дури и учените луѓе сметале дека треба да се тргне товарот на владеењето на масите и да завладее правото на посилниот. Авторитарноста и автократијата често пати го менувале својот лик за да се задржат сè до наши денови. Идеалот за моќ и власт, за жал, ги отфрлал моралните скрупули (оправдување за таквото отфрлање барале и Солзбери, Макијавели, Лојола и многу други). Според Трасимах, во политиката власта е поважна од правото, а под праведноста ја подразбирал користа на посилниот. Секоја власт си поставува закони, сметал тој, кои се во полза на оние кои владеат.

Во тој однос, Хипија бил многу покритичен кога тврдел, а со него можеме и денес да се согласиме: „Како да се придржувам за законите кои самите законодавци не ги почитуваат и ги менуваат“. Платон, во својот концепт за идеалната држава, сакал на власт да ги донесе филозофите, како најмудри и најумни. Но се излажал, и тој концепт никогаш не му успеал, бидејќи не претпоставувал дека и филозофите кога се на власт стануваат како и другите (иронично речено, и тие премногу консумираат швепс). Аристотел, во својот познат реализам, сметал дека човекот својата среќа може да ја оствари единствено во заедница, чиј „основен облик е семејството, а најпотполн – државата“. И не случајно е славна неговата максима дека „човекот по својата природа е политичко битие“, зашто, „кој не може да живее во заедница или таа му е непотребна… тој не е член на државата, и според тоа е ѕвер или бог“.

Модерниот концепт за државата, власта и општеството започнува, главно, со просветителството и неговите предвесници, кои истовремено се предвесници и на Француската револуција, Декарт, Хобс, Лок, Бекон, Русо, Кант. Човекот постојано барал начин да завладее правото и да се ослободи од авторитарноста, надевајќи се дека ќе придонесе за ширењето на границите на слободата и владеењето на умот. Кантовиот трансецедентален ум и врз него конципираната метафизика ќе даде голем придонес во таа насока. Неговите ракописи од областа на филозофијата на историјата, правото и државата, јасно зборуваат за тоа. Тој разликува три ситуации, конципирани под влијание на Жан Жак Русо, и тоа: природната состојба, општествениот договор и граѓанската состојба односно создавањето на држава. Државата е таа која треба да ги брани интересите на граѓаните и тие треба постојано да ја штитат.
Но сето тоа не оди праволински, без пореметувања и проблеми. Напредокот секогаш „скршнувал“ од вистинскот пат, во кој Кант се сомневал. Оттаму и доаѓа неговата круцијална мисла, кога тој смета дека напредокот на културата и цивилизацијата не значеле и напредок на моралноста и, како што велат толкувачите – „напредокот на културата и цивилизацијата не значи истовремено и напредок на моралноста, развојот на науката и уметноста не го чини човекот морално подобар и посовршен“. Иако не можат да се прават директни споредби, но таа Кантова нагласка врз моралот се провлекува низ целата историја на човештвото и нè мачи и нас денес. На едно место тој е уште пожесток: „Ние сме цивилизирани… Но уште многу ни треба за да се сметаме себеси за морални“. Очигледно, тие две категории не одат секогаш заедно.

И ние денес како цивилизација и современици имаме проблеми со моралот, односно неморалот. А сето тоа многу често се должи на начинот на консумирање на власта од страна на политичарите и злоупотреба на моќта во сите нејзини пројави. А пореметувањата и проблемите за кои зборува Кант можат да се најдат и кај Хегел и кај Маркс, или во револуциите чии идеали за слобода и промени завршуваа во најнеморалните автократски режими. И неолиберализмот, кој го критикува Чомски, е далеку од тоа да биде крај на историјата и идеологијата во смисла на концептот на Фукујама. Се разбира, на процесите не може сè да се гледа само од негативната страна. Сепак, надвиснува сенката на скептицизмот над несигурноста на вредностите. Не сме против употребата на швепс, но сме за неговата внимателна консумација. И така многу работи ни излегоа на нос. Започнавме со сатира, да завршиме со неа. Големиот Нушиќ во недовршената комедија „Власт“, во еден од дијалозите вели: „Си мислам така, пријателу, колку е тоа убава работа. Која? Па власта… Сонував како сите ми се плашат, а јас строг… Еднаш сонував и дека сум цар“! Секое заседнување и царување, било идеолошко или политичко, може да биде фатално по својата авторитарност и исклучивоста, а тоа повторно нè враќа на Кантовиот проблем на моралот. И прикривање на правото на посилниот зад институциите на власта и правдата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот