Власта достави измени на Законот за локална, да нема избори во општините каде градоначалниците станаa министри и пратеници

Арбен таравари, Тимчо Муцински Фото: Фејсбук Таравари

Доколку измените на  законот добијат двотретинско мнозинство, тогаш во општините Аеродром, Гостивар и Сарај ќе нема предвремени избори за градоначалници откако Тимчо Муцунски и Арбен Таравари станаа министри во Владата на Христијан Мицкоски, а Блерим Беџети стана пратеник.

Владејачкото мнозинство попладнево ги достави до Собранието предлог измените на Законот за локална самоуправа по скратена постапка. Измените на законот треба да овозможат да нема избори за нов градоначалник ако до редовните избори има помалку од  12 месеци. Ова ќе значи дека во општиниите во коишто градоначалниците кои на последните парламентарни избори беа избрани за пратеници или министри да не се  оддржат предвремени локални избори за градоначалници, туку со општините ќе раководат вршители на должност градоначалници.

Доколку измените на  законот добијат двотретинско мнозинство, тогаш во општините Аеродром, Гостивар и Сарај ќе нема предвремени избори за градоначалници откако Тимчо Муцунски и Арбен Таравари станаа министри во Владата на Христијан Мицкоски, а Блерим Беџети стана пратеник.

Според објаснувањето, станува збор за преодно  решение  кое ќе важи само до  претстојните локални избори кои треба да се оддржат во октомври 2025 година.

-Со членот 4 се уредува преодно решение за постапката за распишување нови избори за градоначалник, поради настапување на еден од случаите за престанок на мандатот на градоначалник по сила на закон до одржување на првите редовни избори за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Градот Скопје по влегувањето во сила на овој закон. Имајќи во предвид дека до распишувањето на нови редовни локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од најдобриот интерес на граѓанинот, начелото на економичност и економска состојба во државата, со предложените законски решенија ќе се постигне целта заради која е предложен овој предлог закон – се вели во предложените измени на Законот.

Од власта не откриваат дали веќе обезбедиле двотретинско, но и Бадентерово мнозинство бидејќи станува збор за системски закон. Од мнозинството велат дека се надеваат оти до гласањето ќе ги обезбедат двојното и двотретинско мнозинство.

Ако ВМРО-ДПМНЕ и Вреди не ја убедат ДУИ да го поддржи законот, тогаш според актуелниот закон, во Аеродром, Сарај и во Гостивар во ноември или декември треба да се одржат вонредни избори за избор на градоначалници. Според Изборниот законик, предвремените избори за градоначалник нема да се распишат ако до редовните избори за градоначалник има помалку од шест месеца, што сега не е случај, бидејќи редовните локални избори се во октомври 2025 година.

Власта најавуваше усвојување на измените на Законот за локална уште пред формирањето на новата влада. Мицкоски тогаш потврди дека ако обезбедат поддршка од опозицијата, предлогот ќе го поднесат по формирањето на владиниот кабинет. Предлог измените се доставени речиси три месеци од формирањето на Владата.

Предлагачи на законот се координаторите на пратеничките групи на Вреди, ВМРО-ДПМНЕ и на ЗНАМ, Халил Снопче, Никола Мицевски и Горан Карапејовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот