Власт ли е ова или панаѓур?

Во нормалните демократии, покрај кривичната, материјалната и моралната одговорност, за носителите на јавна функција, постои и нешто што се вика политичка одговорност – термин непознат за нашиов ендемски вид политичари од која било провиниенција или национална припадност

Неодамнешното испитување на јавното мнение организирано од страна на МЦМС и ТВ Телма, објавено пред истекот на 2020 година, покажа дека поддршката што граѓаните им ја даваат на најголемите политички партии во државата – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е на историско најниско ниво и е под 20 отсто, со благо водство на владејачката СДСМ од само 0,5 отсто (што е во рамките на статистичка грешка). Она што е уште поинтересно е фактот дека процентот на граѓани кои се изјасниле дека нема да излезат на избори, ќе го поништат своето гласачко ливче или воопшто не се изјасниле за кого би гласале, е поголем од збирот на процентите кои ги добиле овие партии заедно. Ова покажува дека граѓаните веќе не им веруваат ниту на власта ниту на опозицијата и бројот на тие граѓани е поголем од бројот на оние кои би гласале за овие две партии. Тоа доведува до заклучок дека незадоволните граѓани се веќе мнозинство во нашата држава.

Повод за оваа анкета беа 100-те дена од формирањето на  втората влада на Зоран Заев (кој патем е најпопуларен политичар во државава, но тоа е мала утеха за него ако се земе предвид фактот дека втор најпопуларен политичар е Димитар Апасиев, лидерот на Левица). Па, следствено, оние кои би требало најмногу да се позанимаваат со резултатите од анкетата се претставниците на Владата на РСМ.

 

МН: Политичка неодговорност

 

Првото прашање кое треба да си го постават е: Како за период од еден нецел мандат успеаја да ја стопат големата поддршка на граѓаните која кулминираше на Локалните избори во 2017 година на кои СДСМ оствари убедлива победа? Ако се сеќавате, основната парола од тоа време беше: „Не се сите исти“! И тоа беше точно, на почетокот СДСМ покажа грижа за граѓаните и донесе неколку одлуки кои им ги вети пред изборите, како што беа укинувањето на радиодифузната такса и воведувањето на евтина тарифа за електрична енергија. Сепак, главниот политички капитал на Заев и неговата влада беше истoрискиот влез на РСМ во НАТО кој се случи на 27 март 2020 година.

Но, иако огромна, придобивката од зачленувањето во НАТО, не беше доволна тасот од вагата да го држи подолго време на страна на оние кои ја поддржуваат Владата. Големиот број на неостварени ветувања кои Премиерот, во негов стил, ги дава каде што ќе стигне и на кого ќе стигне, лошата кадровска политика и вродената ароганција на СДСМ додека е власт, пополека но сигурно почнаа јазичето на вагата да го движат во насока на тасот каде што преовладува негативното размислување за работата на Владата.

Просторот не дозволува да се анализираат сите лоши одлуки на последните две македонски влади (за тоа можеби ќе биде потребен фељтон), па затоа кусо ќе се навратам само на неколку неодамнешни, а сеуште актуелни моменти. Проблемот со нашето најголемо историско и културно наследство – градот Охрид, кулминира со последниот, досега најобемен, извештај на УНЕСКО, во кој се наведуваат големиот број на недостатоци кои го загрозуваат статусот на Охрид како дел од Светското културно наследство. Начинот на кој владите на СДСМ и ДУИ се однесуваа и се уште се однесуваат со овој проблем укажува на тоа дека се манифестира елементарна неспособност да им се стави крај на дивеењето на локалните градежни и политички моќници.

Помпезно дадените изјави од страна на поранешниот заменик-министер за надворешни работи дека е постигнат голем успех со тоа што Владата успеала да го задржи Охрид на листата на УНЕСКО, само дополнително го зголемуваа револтот на граѓаните кои секојдневно гледаат дека на тоа поле не се преземаат скоро никакви мерки за подобрување на состојбата. Наведениот извештај на УНЕСКО е само потврда за тоа.

Не би ме зачудило ако во дневните весници во државава прочитам оглас со следната содржина: „Се изнајмуваат простории за одржување на роденденски прослави во сопственост на РСМ. Цена: 500 евра за организаторот, 20 евра за секој гостин. Влада на РСМ“. Затворањето на овој скандал така што учесниците на прославата на роденденот на лидерот на ДУИ – Али Ахмети ќе платат одредена казна за непочитувањето на прописите и по старата поговорка „и волкот сит и овците на број” се ќе си продолжи како ништо да не било, во најмала рака е потценување на здравиот разум на граѓаните.

Во нормалните демократии, покрај кривичната, материјалната и моралната одговорност, за носителите на јавна функција, постои и нешто што се вика ПОЛИТИЧКА ОДГОВОРНОСТ – термин непознат за нашиов ендемски вид политичари од било која провиниенција или национална припадност. Не беше така одамна кога еден министер од земја членка на Европската унија си поднесе оставка затоа што приватната вечера или ручек со сопругата го беше платил со службената картичка. Кај нас, единствени кои се одважија да се однесуваат европски достоинствено беа Павле Богоевски и Драган Спасов Дац (ниту едниот ниту другиот политичари).

Роденденската забава само беше дел од уште поголемиот скандал со отворањето на новата зграда на Министерството за политички систем. Во време кога во земјава здравствениот систем со последните сили се бори да ја надмине пандемијата со вирусот ковид-19, а основните потреби на здравствените работници се обезбедуваат со донации, државната управа отвора луксузни објекти кои вредат повеќе десетици милиони евра. Ова едноставно ме потсетува на една реченица искажана од страна на еден поранешен министер за финансии и кум, кој во еден телефонски разговор рече: „Ние сме лудаци, трошиме на чоколада, а немаме за леб“.

 

 

МН: Скок во провалија

 

 

Во јавноста бледо беа проследени серијата изјави и постапки на ДКСК, кои се однесуваа на низа случаи поврзани со злоупотреба од страна на носители на јавни функции.

Ова се само дел од примерите поради кои слоганот „Не се сите исти“ пополека го губи своето значење, исто онака како што и СДСМ ја губи довербата кај граѓаните. За среќа на Владата ова се случува во првите 100 дена од нејзиното формирање и доколку сериозно се сфати ова предупредување на граѓаните, кое не е прво (да се потсетиме дека разликата помеѓу гласовите кои ги доби СДСМ во однос на оние што ги доби ВМРО-ДПМНЕ на последните вонредни парламентарни избори изнесуваа само околу 8.000 гласа) има доволно време да се преземат активности кои конечно ќе бидат во полза на граѓаните.

Мое мислење е дека најголемата одговорност во оваа ситуација паѓа на Љупчо Николовски, најблискиот соработник на премиерот, кој се зафати со пресериозната работа да се бори против корупцијата, првенствено во своите редови. Па, ете, можеби прва сериозна работа со која би се зафатил заменикот на претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, е посериозно да ја сфати работата на ДКСК и постапките кои тие ги имаат преземено против поранешни и сегашни функционери. Ова се однесува и на повеќекратните извештаи на Државниот завод за ревизија, поврзани со лошото владеење и менаџирање со парите на граѓаните.

Тоа, справувањето со корупцијата и криминалот во своите редови, како и веќе подзаборавеното справување со криминалот на поранешната власт на Никола Груевски, ќе бидат најбитните критериуми кои граѓаните ќе ги имаат предвид кога следен пат ќе одлучуваат дали воопшто и за кого би го дале својот глас на следните избори. Ако тука се постигне успех, тогаш може да зборуваме за „квантни скокови“ во позитивна насока, во спротивно, ако се продолжи по старо, скокот ќе биде во провалија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот