Владините тела се најслабата алка во борбата со корупцијата

Корупција
Корупција / Фото: Архива на „Слободен печат“

Стратегијата за борба со корупцијата е солидна основа, но за успех е најважно да се обезбедат силни институции со квалитетен кадар и доволно пари и услови за работа, кои нема да зависат од политичката волја, туку ќе делуваат согласно надлежностите, оценуваат аналитичарите.

Дали ќе се искорени корупцијата во Македонија или не зависи од политичката волја да се создадат квалитетни институции, оценуваат аналитичарите. Петгодишната национална стратегија е солиден документ, но тој не е доволен ако не се зајакнат клучните институции – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Јавното обвинителство, инспекциските служби и Државниот завод за ревизија, кои со години наназад алармираат за недостиг на средства и кадар.

Според адвокатот Драган Малиновски, поранешен антикорупционер, ако има силни институции ќе нема потреба од ад-хок решенија со паралелни системи во Владата.

– Ајде нека им се даде на надлежните инситуции се што им треба, пари, кадар, сите потребни услови и средства, па после да цениме дали тие успешно работат или не работат. Вицепремиерот за борба со корупција Љупчо Николовски вели дека антикорупционерите требало да се жалат на суд кога институциите не ги почитуваат нивните претставки, пријави или одлуки, па, кога еден вицепремиер дава таква изјава за односот на институциите кон Антикоруоциската комсиија, што останува за другите? Треба да разбереме дека ДКСК не е формирана затоа што некому му се сонило, туку заради Конвенцијата на Обединетите нации за борба со корупцијата која налага дека секоја држава мора да има независно тело за спречување на корупција. Значи независно тело, а не владино тело, вели Малиновски за „Слободен печат“.

Тој учествувал во изготвувањето на националната стратегија и вели дека таа е солиден документ што ги опфаќа главните пунктови каде се создава корупцијата и што треба да се третираат.

– Таа стратегија е и законска обврска. Сега се на потег институциите кои треба да ја реализираат. За успешно искоренување на корупцијата најмногу од се е потребна политичка волја и ако ја има, за почеток со тоа може да се компензира што засега нема доволно пари и кадри во институциите. Но, најважно е да се работи на јакнење на нивниот капацитет и кога тие ќе бидат силни, после нема да треба ниту политичка волја, а ниту ад-хок решенија со паралелни системи во Владата, вели Малиновски.

На прашање дали меѓународната заедница може да помогне или да притисне, особено САД чија амбасада ја поздрави стратегијата, Малиновски вели дека амбасадата на САД многу помогнала, но, „не може тие да го одработат наместо нас она што ние треба да си го завршиме“.

Претседателката на здружението Транспаренси интерншнл Слаѓана Тасева смета дека реформите што требаше да овозможат независно правосудство не се доволни, а потребни се реформи и во безбедносниот сектори, „во делот таму каде што се водат истрагите за сериозни кривични дела и корупцијата и поставеноста во целина“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот