Владините партнери се усогласуваат за опфатот на ветингот

Влада зграда
Фото: Архива на „Слободен печат“

Владините партнери Димитар Ковачевски и Али Ахмети се усогласуваат дали со законот за ветинг ќе бидат на проверка само судиите и обвинителите или сите избрани и именувани функционери. ДУИ го турка своето предлог-законско решение од пред две години, односно со ветинг да бидат опфатени и правосудството и политичарите, додека предлогот на СДСМ, предводен од експремиерот Зоран Заев, беше за ветинг само во правосудството.

– Консултациите се во тек, на текстот за ветинг се работи и тој не е усогласен – велат од Владата на прашање на „Слободен печат“ дали се подготвува нов закон за ветинг, ќе биде ли понуден предлогот на ДУИ или законот ќе биде компилација од предлозите на интегративците и на СДСМ.

Од Владата не одговорија за опфатот на ветингот и телото кое ќе треба да го спроведе.

Премиерот Ковачевски, пак, од самитот Западен Балкан ЕУ во Тирана ја потврди информацијата на „Слободен печат“ дека се подготвува закон за ветинг, кој најверојатно пред пратениците ќе се најде по Нова година.

Разговаравме за владеењето на правото и за борбата против корупцијата. На агендата на нашата Влада многу високо е владеењето на правото и борбата против корупцијата и овие денови тоа е главна тема што ги окупира нашите медиуми и нашите институции. Веќе разговаравме и на ниво на коалициски партнери за донесување на закон за ветинг. За тоа разговарав и овде со највисоките претставници на ЕУ. Многу скоро ќе се најде законско решение пред пратениците за спроведување на постапка за оценување на постојните и на идните носители на функции во однос на нивниот интегритет, во насока да се намали можноста за каква било нефункционалност на оние кои што ќе бидат поставени на позиции. Тука, пред сѐ, мислам на намалување на корупцијата, криминалот и на подобрување на управувањето со институциите – рече Ковачевски.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи го поздрави доаѓањето на тимот за санкции од Вашингтон. Тој како функцонер од ДУИ, рече дека неговата партија е подготвена да предложи закон за ветинг и да биде носител на тој процес. Османи рече дека веднаш по почетокот на Стратешкиот дијалог, САД финансиски го помага делот за владеење на правото, а сега продолжува со дополнителни механизми преку поддршка од страна на експерти, искористување на нивните механизми, санкционирање, јавно именување.

И тоа е нешто што ние го побаравме. Кога имавме дилеми дали ќе почнат преговорите или не, јас сфатив дека ќе останеме без таков мониторинг ако преговорите се одложат и не можеме да најдеме заедничко решение со Република Бугарија, и тогаш побаравме од САД дајте да ја издигнеме на едно повисоко ниво – рече министерот за надворешни работи.

Тој вели дека „таму пишува за корумпираните актери“ што, според Османи, значи дека се работи за еден сеопфатен пристап и го дели ставот дека корупцијата во земјата не е само на ниво на политиката, туку на секое ниво.

Секаде каде што граѓаните се јавуваат на шалтер и бараат услуга од државата има елементи на корупција и ништо не сме направиле ако нема сеопфатен пристап во овој дел. Сеопфатен пристап од портирот на врата до највисокиот функционер во државата – истакна Османи.

Османи потсети дека ДУИ го предложила ветингот и дека е подготвена да предложи закон со којшто ќе бараат институциска проверка на секој кандидат за носител на јавна функција за да се даде можност секој што ќе конкурира за јавна функција да помине низ таков процес.

Законот за ветинг предложен од интегративците предвидува посебна агенција или комисија да врши проверка на имотите и кредибилитетот на кандидатите за јавни функции. Се предлага проверка да се врши и на актуелни и на поранешни носители на функции.

СДСМ пак, пред две години најави дека по формирањето на Владата ќе почне постапка за целосен ветинг на сите судии. Тогаш од СДСМ изјавија дека целосен реизбор не бил дозволен од ЕУ, но дека ветинг на судиите мора да има, зашто правда може да носат само праведни судии, а не блокатори на правдата.

Неопходен е ветинг во судството за да се направи дистинкција меѓу чесните и професионални судии и обвинители и оние кои не се на нивото на професијата – изјавија тогаш од СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот