Владејачката ГЕРБ достави документи за учество на изборите во Бугарија: За прв пат настапува со коалиција

Првпат во својата 14-годишна историја, владејачката партија ГЕРБ достави документи за регистрација како коалиција за парламентарните избори во Бугарија, кои се закажани за 4 април. Ова се случи на последниот ден за регистрација.

Партијата на Бојко Борисов ќе учествува во изборната трка заедно со Унијата на демократски сили, најстарата демократска формација од соборувањето на Тодор Живков во 1989 година, јави дописникот на МИА од Софија.

– За три дена, двете партии собраа повеќе од 52.000 потписи, а во Изборната комисија доставија 9.999. Документите беа прифатени без забелешка и сега чекаме одобрување од Централната изборна комисија, изјави организацискиот секретар на ГЕРБ, Цветомир Паунов.

Шефот на пратеничката група на владејачката партија Даниела Дариткова истакна дека рецептот за успех на ГЕРБ и ветувањето пред гласачите е „работа, работа, работа”.

– Годините кои сме на власт покажаа дека имаме волја и постигнуваме видливи резултати. Докажавме дека можеме да преземеме одговорност и да учиме од нашите грешки, нагласи Дариткова.

ГЕРБ и Унијата на демократски сили имаат подготвено програма за извлекување на земјата од епидемиската состојба.

– Медицинскиот протокол е подготвен, воведените антиепидемиски мерки гарантираат здравствена безбедност на изборниот процес, додаде Дариткова, апелирајќи за масовно учество на изборите.

Таа објасни дека резултатите од номинациите на кандидатите за пратеници сè уште се разгледуваат, потенцирајќи дека Борисов ќе биде еден од лидерите.

За десничарската коалиција како невозможен партнер во идниот парламент е Бугарската социјалистичка партија (БСП), бидејќи „целта на ГЕРБ и Унијата на демократски сили е да се обедини десничарскиот глас”.

– Според социолозите, тандемот ГЕРБ и Унијата на демократски сили се чини дека е единствената десничарска формација, дефинитивно проевропска и про-НАТО, што нема да дозволи БСП и нејзините сателити да дојдат на власт, изјави лидерот на Унијата на демократски сили, Румен Христов.

ГЕРБ, исто така, ја наведе БСП како политички противник, но сепак не се категорични со кого нема да коалицираат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот