12 C
Скопје

Владеење на правото или владеење со правото

Владеењето на правото во своето современо значење се заснова врз следните постулати: примарно значење на човековите слободи и права, постоење на ограничена државна власт, поделба на власта, постоење на независно судство и правна сигурност на граѓанинот.

Идејата за владеење на правото се јавува уште во петтиот век од старата ера кога атинскиот архонт Солон прв ја востановил еднаквоста на граѓаните пред законот. Старите Грци се исто така автори и на вториот суштествен елемент на владеењето на правото – ограничувањето на власта со помош на законите. Аристотел сметал дека владеењето на најдобрите закони, а не владеењето на луѓето, претставува најдобро владеење. Во своето дело „Политика“, тој дава два аргумента кои одат во полза на тоа тврдење: „страстите ги расипуваат и најдобрите луѓе кога се на власт“ и „законот претставува разум без лични барања“.

На 15 јуни 1215 година, под притисок на благородништвото, англискиот крал Џон први ја потпишал Големата повелба за слободите (Magna Carta Libertatum), како прв документ во историјата на човештвото каде еден монарх се откажува од дел од својата власт, односно како акт со кој се заштитуваат правата на поданиците од самоволието на кралската власт. Делови од Магна карта сè уште се дел од важечките правни норми во Обединетото Кралство. Така, на пример, членот 39 го предвидува она што ние денес го нарекуваме право на правично судење. Според овој член: „ниту еден слободен човек нема да биде уапсен, или затворен, или лишен од својата сопственост или протеран, или на било кој друг начин уништен… освен со правна пресуда на рамните на него или според законот на оваа земја“.

Ефикасни институции

Затоа не е ни чудо што современото сфаќање на владеењето на правото како супремација на правото над државната власт се јавува во Англија во петнаесеттиот век. Група мислители од тоа време сметале дека државната власт постои заради остварување на идејата за правото која на човекот му е дадена многу порано од формирањето на државата. Со други зборови, правото не само што ја ограничува државната власт туку тоа временски и претходи на создавањето на државата и потекнува уште од стародревните обичаи кои настанале пред создавањето на државата. Едвард Коук, во својство на претседател на Врховниот суд на Англија се залагал за судска контрола на уставноста на правните акти, а Џејмс Харингтон го дефинира последниот нужен елемент на идејата за владеење на правото, а тоа е начелото на поделба на власта и воспоставување на нивна рамнотежа (check and balance). Сите овие елементи на владеењето на правото ќе најдат своја практична примена прво во Уставот на Масачусетс од 1780 година и конечно во Уставот на САД од 1787 година.

Владеењето на правото во своето современо значење се заснова врз следните постулати: примарно значење на човековите слободи и права, постоење на ограничена државна власт, поделба на власта, постоење на независно судство и правна сигурност на човекот и граѓанинот. Или тоа преточено во практика значи дека доколку некој се обиде да објавува ваши лични податоци и фотографии без ваша согласност, како што тоа го направија одредени лица преку групата „Јавна соба“ на едно од средствата за комуникација преку интернет, полицијата треба веднаш да интервенира, а не да чека целта општествена јавност да се покрене и да дејствува по девет месеци.

Доколку некој државен функционер прекрши одреден пропис од областа на сообраќајот и полицискиот службеник се обиде да ја спроведе вообичаената постапка во тој случај, функционерот треба да ја прифати одговорноста и да ја плати казната, а не да го нападне полицискиот службеник и да врши притисок таа да ја смени својата изјава дека самата се сопнала и паднала. Или, на пример, кога некое ваше право е повредено тоа значи дека судските органи треба да бидат ефикасни и судскиот спор кој што сте го повеле да го завршат во разумен рок за да може да си го наплатите своето побарување пред оној кој го повредил правото да отпочне стечајна постапка и го оневозможи тоа.

Државата и правосудните органи треба да бидат ефикасни и лицата што шират лажни вести и во исто време клеветат и навредуваат да бидат соодветно санкционирани, а не тие се уште да ги користат средствата за јавно информирање додека ги чуваат овците или козите кои истата таа држава им ги даде како компензација за верното служење на режимот.

Мала промена

Но, тоа е реалноста на македонската политичка бара, каде наместо да зборуваме за владеење на правото, може слободно да зборуваме за владеење со правото. Се уште ги помниме сцените на спектакуларни апсења на неистомисленици, на црните тевтерчиња со списоци на судии, со делењето на шамари и праќањето во ендеци.  Македонската квази политичка сцена од времето на владеењето на Никола Груевски и фамилијата креира политичари богови, двајца врховни кои одлучуваа за сè и сешто и повеќе мали богови кои сметаа дека во нивна моќ е сè во државата, од имотите па се до животите на граѓаните. Беше заробена државата, заробено правото и заробени граѓаните, а нивната судбина буквално зависеше од тоа на која нога наутро ќе станат братучедите. Уставот и законите за нив немаа никакво значење, до таа мера што еден од помалите богови своевремено ги нарече тоалетна хартија.

Со промената на власта граѓаните очекуваа дека правната држава и владеењето на правото повторно ќе го заземат своето место како основни вредности на една држава. Меѓутоа, освен враќањето на слободата, малку што друго се промени. Неодамнешните кафеански разговори кои се појавија во јавноста, како епизода – „Империјата го возвраќа ударот“, од серијалот  „Сè е веќе снимено“, се само уште еден доказ дека „страстите ги расипуваат и најдобрите луѓе кога се на власт“. „Поуката“, во пежоративна смисла на зборот, која може да се изведе од ова, е дека ако мислите да крадете, крадете многу бидејќи кога ќе бидете во опозиција ќе може повторно да се испазарите за својата слобода, па како што бевте над законот додека сте на власт, така ќе бидете над законот и кога не сте на власт, чекајќи повторно да дојдат вашите пет минути. Кога тоа ќе се случи не сум сигурен дека тие ќе бидат така deal oriented како што се денешниве станари на Илинденска бб.

За жал, сè додека правото има цена, во Македонија нема да има владеење на правото.

Марин Гавриловски

Поврзани вести

Омаловажувачкиот хумор кон етнички групи не е шега

Ваљон Салиху

Враќањето на германската политика

Јошка Фишер

За Трајко, со почит

Атанас Костовски

Рускиот проблем: НАТО

Ѓуро Козар/Ослобоѓење

Мистерија на третата доза

Ана Митиќ/Недељник

Лет од место

Жанета Скерлев

Остави Коментар