Владата во 2025 година се обврзува на целосна трансформација на Македонија

Влада на РМ- зграда / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Буџетот за 2025 година е развоен и ветува повисоки плати, инвестиции и економски развој на државата. Владата за 2025 година се обврзува на целосна трансформација на Македонија и подобрување на животниот стандард за граѓаните, соопштија денеска од Владата.

За таа цел во буџетот за 2025 година предвидуваме средства за зголемување на пензиите. Со ова предвидуваме 105 милијарди денари за пензиите, односно по 2500 денари повисоки пензии во март за пензионерите. Со ова го исполнуваме ветувањето за повисоки пензии на над 330.000 пензионери. Исто така за исплата на плати обезбедени се 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок дотации за зголемување на платите во образованието. Предвидуваме и 14,5 милијарди денари за поддршка на ранливите категории, додека пак за здравствена заштита обезбедуваме 5,2 милијарди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари – се наведува во соопштението.

Од Владата наведуваат и дека во буџетот за 2025 година е предвиден и растот на платите за вработените во образованието и просветните работници, како и растот на платите во здравството, здравствените работници и медицинските лица. Како што посочуваат обезбедени се и  250 милиони евра за инвестициски бум во општините за изградба на училишта, градинки, патна и водоводна инфраструктура, но посветени се и на стопанството.

Средствата кои преку банките ги ставаме на располагање во форма на супер евтини кредити, односно договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од можеби 800 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти за сопствена потреба, како и да учествуваат во проекти кои ќе ги инвестираат општините, стои во соопштението.

Се обврзуваме, истакнуваат Владата, пред граѓаните на економска трансформација, и ветуваме раст на БДП, но и нови странски директни инвестиции кои ќе генерираат раст и развој.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот