Владата се уште не иницира оглас за наследник на Јовески

Од Владата се уште не е испратен предлог до Собранието за распишување оглас во Службен весник за нов републички јавен обвинител, информираат од законодавниот дом за Слободен печат.

Од Илинденска нема одговор кога најрано би бил испратен ваквиот предлог до пратениците, со оглед на фактот што роковите полека започнуваат да течат, бидејќи се очекува на почетокот на декември Советот на јавни обвинители да му ја потврди старосната пензија на актуелниот јавен обвинител на Македонија, Љубомир Јовески.

Имено, со новиот Закон за ЈО, во член 64, е конкретно наведено дека огласот треба да биде објавен во Службен весник најдоцна два месеца пред истекот на мандатот или веднаш по упразнување на местото, додека пак републичкиот јавен обвинител е должен да ја извести Владата за истекот на мандатот три месеца пред самиот истек.

Процедурите наложуваат од објавувањето на огласот во рок од 15 денови да се поднесуваат пријавите, а во моментов нема никакви најави за тоа кој се има амбиција да седне во фотелјата на Јовески.

Името за предлог за републички обвинител Владата го поднесува на гласање во Собранието, единствено по добиено позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, а доколку мислењата се негативни процедурата се повторува. Јавниот обвинител се избира за време од шест години со право на повторно именување, а останатите обвинители ги избира Советот на јавни обвинители, без ограничување на траењето на мандатот.

Последен пат распишувањето оглас беше усвоено во Собранието со 61 пратенички глас на осми септември 2017-та година, а пратениците од опозицијата ја напуштија салата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот