Владата се пофали дека сите напади на новинари во нејзино време се решени, новинарите не се свесни за тоа

Владата смета дека денешниот Ден на слободата на медумите новинарите го одбележуваат во време кога медиумите се ослободени од било какво влијание, било тоа да е политичко или економско.

Министерот за задолжен за комуникации отчетност и транспарентност на Владата, Роберт Поповски, вели дека има огромни предизвици на ова поле.

– Мене ми причинува задоволство што сите извештаи говорат дека овој ден го одбележуваме во ослободени медиуми – изјави Поповски на денешната прес конференција по повод 3 мај, денот на слободата на медиумите.

Министерот за информатичко опшество и администрација Дамјан Манчевски пак се пофали со последниот извештај на „Репортери без граници“ каде се констатираше дека за две третини е намален бројот на напади на новинари во 2018 во однос на 2017 година.

– Законот за Аудиовизуелни услуги претставува основа конечно политичарите да ги тргнат рацете од медиумите, следни се реформите на Македонската радио телевизија и Советот за аудиовизуелни услуги – објаснува министерот Манчевски.

Тој дополни дека откако СДСМ е на власт, сите случаи на напади на новинарите се решени.

Сепак на новинарско прашање, за тоа како случајот со заканите врз Насер Селмани се уште е заглавен во институциите, и како тоа на само неколку километри од Скопје во Арачиново беше киднапиран новинар, Манчевски само кратко рече дека треба да се даде време на институциите.

Поповски дополни дека за случаите каде се нападнати новинари во време на минатата власт речиси и да не постојат докази.

– Нема записи за сето она што се случувало во изминатиот период, за случаите од минатото, за многу од нив недостасуваат докази па затоа се отежнати тие истраги – објасни Поповски.

За случајот со Арачиново, за кој обвинителството одлучи дека нема основ да го гони по службена должност, а новинарот одби да поднесе пријава Поповски само кажа дека случајот бил осуден од градоначалничката на Арачиново Милитие Халими.

– Градоначалничката го осуди случајот. Ние како Влада не можеме да се мешаме во судството, незадоволството од работата на судството треба да го насочете таму – заврши Поповски.

На прес конференцијата присутен беше и вицепремиерот Бујар Османи кој рече дека она што е постигнато во медиумите е аргумент кој му користи нему и на Владата пред Европската Унија.

– Живееме во свет на лажни информации и дезинформации. Потребна е соработка со медиумите за точно информирање на јавноста – истакна Османи.

Тој исто така ги повика граѓаните да гласаат на 5 мај на вториот круг од претседателските избори бидејќи тоа, според него, е аргумент со кој ќе се уверат земјите членки на ЕУ дека Македонија е зрела држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот