Владата се пишмани: Странски акционери може да земат дивиденда во вонредна состојба
Се донесоа дури три уредби за примена на Закон за трговски друштва во вонредни услови, за да на крај, ништо од одлученото не важи.
Странските акционери ќе може да си земаат дивиденда и додека трае вонредната состојба, одлучила Владата и тоа го преточила во уредба со законска сила со која престанува да важи уредбата што ја донела претходно, а со која во вонредни услови им го одземала ова право на странските акционерите и на странските содружници.
„Во Службен весник на РСМ бр.90 од 4.4.2020 година објавена е Уредба со законска сила со која престанува да важи Уредбата за примена на Законот за трговски друштва во време на вонредна состојба („Службен весник на Р.С. Македонија бр79/20 и 87/20). Со наведеното од 4 април 2020 година од кога влегува во сила Уредбата се овозможува исплата на дивиденда на странски содружници, односно на странски акционери кај сите трговски друштва за време на вонредна состојба“ , пишува на официјалната страница на компанијата за сметководствени и даночни совети „МСФИ консалтинг“.
Странските и домашните компании негодуваа во врска со одземеното право за исплата на дивиденда во вонредна состојба, а Владата постојано ги менуваше своите одлуки.
Првично, на 26 март со Уредба со законска сила за примена на Закон за трговски друштва во воредни услови, на фирмите им се забрани свикување и одржување на годишно собрание на акционери содружници, со што се оневозможи процедурата за носење одлуки за исплата на дивиденда. Потоа, на 2 април се донесе Уредба за измена на Уредбата за примена на Закон за трговски друштва во вонредни услови со што забраната за делење дивиденда се сведе само на странски содружници и акционери. Само два дена подоцна, се што беше донесено како уредба за работењето на трговските друштва во време на вонредна состојба, престана да важи. А, со тоа престана да важи и една одредба според која трговските друштва во државна соственост, требаше да ја уплатуваат добивка од 2019 година во државниот буџет.