Владата се фали „дојде живот“, но колку нови странски инвестиции дојдоа?

Од почетокот на мандатот на Владата предводена од СДСМ до денеска, во различни фази на реализација се 18 нови инвестициски проекти на странски компании со кои е склучен договор за државна поддршка (во и надвор од ТИРЗ зоните), додека две странски компании се во финална фаза за одлука, информираат за „Слободен печат“ од канцеларијата на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев. Од друга страна, пак, претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Даниела Арсовска, вели дека станува збор за реинвестиции на компаниите кои веќе во државата се регистрирани како странски инвеститори, дел во зоните, дел надвор од нив.

Странските компании, како што посочуваат од кабинетот на Анѓушев, ги препознаваат можностите кои Владата ги нуди преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите и сите нови компании ги спроведуваат своите инвестициски проекти и ги потпишуваат договорите за државна поддршка солгасно Законот.

– Владата на Република Северна Македонија активно работи на подобрување на бизнис климата во земјата. Креирана е економска програма којашто силно поддржува нови инвестиции на домашни и странски компании во земјата, со која се подигнува конкурентноста на компаниите и се поддржува исплаќање на повисоки плати за вработените. Како резултат на работата на Владата, во 2018 година, забележано е највисоко ниво на странски директни инвестиции во историјата во вредност од 624,5 милиони евра. Тоа е за 276 отсто повисоко во однос на просекот во претходните 8 години и за 82 отсто повисоко од претходно најдобрата 2011 година – потенцира вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев зборувајќи за ефектот врз странските директни инвестиции со воведувањето на новата владина економска стратегија.

Постои голем интерес од странски компании за инвестиции во нашата земја, вели Анѓушев, во моментов голем број на реномирани компании од западно-европските и другите развиени земји ги разгледуваат можностите за инвестирање во Република Северна Македонија и ја препознаваат нашата земја како одлична бизнис дестинација за своите идни инвестициски проекти.

Поради зголемениот интерес на странски компании и веќе пополнетите парцели во двете зони во Бунарџик, најавена е и изведбата на новата зона ТИРЗ „Скопје 3“ со големина од 48 хектари, активно се работи на целосно уредување на останатите зони низ земјава: се гради клучката во ТИРЗ Прилеп, клучката во ТИРЗ Струга/Охрид, се работи на гасификација на ТИРЗ Штип, се завршуваат изградбата на водоводот и царинскиот терминал во ТИРЗ Струмица.

Ова е листата на компании кои во изминатиот период донеле одлука и започнале со инвестиција во Република Северна Македонија. Листата ни ја испратија од кабинетот на Анѓушев.

1. Дура Аутомотив, компанија од САД, од автомобилската индустрија која веќе ја гради својата фабрика во ТИРЗ Скопје 2. Планирани се 500 вработувања.

2. Турската компанија Чагатај Кабло од автомобилската индустрија која започна со работа во ТИРЗ Скопје 1 со планирани, во прва фаза 100 вработувања.

3. Турската компанија Мурат Тиџарет, од автомобилската индустрија која ја гради својата фабврика во ТИРЗ Скопје 2. Планирани се 300 вработувања.

4. Компанијата Саген е прва албанска компанија во зоните, работи во фармацевската индустрија и во моментот ја гради својата фабрика во ТИРЗ СКопје 1. Планирани се 100 вработувања

5. „Кеслер“, компанија од СР Германија, која во моментов работи во браунфилд објект во Скопје, а која произведува електро мотори и делови за електро мотори треба започне со градба на нова во ТИРЗ Скопје 1. Планирани се 150 вработувања.

6. „Доган Аутомотив“, турска компанија од автомобилската индустрија, чијашто фабрика е во градба во ТИРЗ Скопје 1. Планирани се 35 вработувања.

7. Швајцарската компанија Баумеркоја произведува сензори декодери и други компоненти од областа на електрониката, својата фабрика веќе ја завршува со изградба во ТИРЗ Скопје 1. Планирани се 200 вработувања.

8. Германската компанија „ВИК“ која произведува електрични направи за домаќинство во ТИРЗ Прилеп. Таа веќе работи и во неа се вработени 190 лица.

9. Речи анд Санс, компанија на македонски иселеници во САД, која треба да произведува средства за чистење и лична хигиена. Најавена е изградба на фабрика во ТИРЗ Охрид/Струга со планирани 250 вработувања .

10. „Џемдаг Лајтинг Еуропа“, турска компанија од машинска индустрија чијашто фабрика треба да започне да се гради во Тирз Скопје 1 со планирани 200 вработувања.

11. Компанијата „Зенит“ од ОАЕ, се очекува да започне со градба на својата фабрика за производство на греачи за бојлери во ТИРЗ Скопје 1. Планирани се околу 80 вработувања.

12. Турската компанија „Балканлар Пластик“, од машинската индустрија треба да започне со градба на својата фабрика во ТИРЗ Скопје 1. Планирани се 80 вработувања.

13. Индиската компанија „Малхотра“ од автомобилската индустрија треба да започне со градба во ТИРЗ Скопје 2 со планирани 80 вработувања. Малхотра е компанија од автомобилската индустрија која на македонскиот пазар влегува во конзорциум со јапонска компанија. Ќе произведуваат кабли за автомобилската индустрија, односно ќе ја произведуваат суровината за сите останати фабрики во Македонија кои прават кабли за оваа индустрија.

14. Реномираната германска компанија „Герешајмер“, светски позната компанија и лидер во производството на амбалажа за потребите на медицинската и фармацевтската индустрија, потврди дека ќе реализира значителна инвестиција во нова фабрика во ТИРЗ Скопје 2, во која ќе се отворат 400 нови работни места за високо едуциран кадар од Република Северна Македонија.

Дел од компаниите кои веќе работат во зоните, решија да ги прошират своите производствени капацитети:

15. Италијанската компанија „Макдиа“ која е лоцирана во ТИРЗ Скопје ја најави својата втора фаза. Основна дејност на оваа компанија е производство на производи од пластични маси и преработка на хартија.

16. Германската компанија ОДВ електрик која работи во технолошко индустриската развојна зона Струга/Охрид, објави втора фаза инвестициски циклус – инвестиција од 4,2 милиони евра и нови 90 вработувања. Во првата фаза инвестицијата е 5 милиони евра со 320 вработени.

Во изминатиот период се склучија договори и со две странски компании надвор од Технолошко индустриските развојни зони:

17. „Теламон“, американска компанија од автомобилската индустрија отвора производство на браунфилд објект во Инџиково, во прва фаза планирани 300 вработувања. До крајот 830 лица.

18. „Кранфилд Фаундри“ од Русија гради објект во Пробиштип со планирани 100 вработувања во прва фаза. До последната фаза планирани се вкупно 280 вработувања.

Во крајна фаза на донесување на одлука за инвестирање се уште две компании. Едната е канадска компанија од автомобилската индустрија, еден од трите најголеми производители на автомобилски делови во светот, додека втората е компанија од фармацевтската индустрија од соседно Косово. По форумот во Виена, вицепремиерот Анѓушев најави уште еден нов странски инвеститор од Австрија, но не откри повеќе детали за тоа.

Моментално во компаниите кои работат во зоните се вработени 13.200 лица, а вкупниот број на дополнителни нововработени лица во новите компании во ТИРЗ и надвор од ТИРЗ ќе биде 5.000, согласно нивните бизнис планови.

– Важно е да се каже дека станува збор за компании кои работат со висока технологија и произведуваат производи со повисока додадена вредноста, што значи дека работните места во овие компании би биле и подобро платени – нагласува Анѓушев.

Во врска со објавените бројки и податоци за странските инвестиции во нашата земја, „Слободен печат“ побара став од претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Даниела Арсовска.

– Генерално од бројките кои беа презентирани, тие практично се реинвестиции на компаниите кои веќе во државата се регистрирани како странски инвеститори, дел во зоните, дел надвор од нив. Ние соработуваме со сите од нив, меѓутоа од аспект на тоа во истиот момент кога ќе ги регистрираат компаниите тука, во нив гледаме како дел од македонското стопанство и во нив гледаме како еден партнер за домашните компании за да соработуваат. Тие на еден начин прават нашите компании да имаат одредена додадена вредност во тоа што го работат, затоа што има одреден трансфер на знаење, технологии и слично. Странските компании кои доаѓаат вообичаено работат со повисоки технолошки процеси, за разлика од нашите компани кои допрва ги развиваат истите процеси. Така што нивниот влез во државата има додадена вредност со тоа што го работат – вели Арсовска.

Таа посочува дека не може прецизно да каже колкав е бројот на старнски инвеститотри.

– Владата е таа која што треба да ги објави бројките, за тоа колку договори има потпишано, а дел од нив сигурно се од доверлива природа додека не бидат финализирани, така што не можеме да имаме конкретни бројки. Меѓутоа, тоа што го кажуваат од Владата се на контото на странските инвестиции, но повеќето од нив се реинвестиција од претходната година – додава претседателката на ССК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот