Владата одобри 65 милиони евра од унгарскиот кредит за општините – само Струмица, Скопје, Теарце и Сарај не добија пари
По извршената евалуација од страна на ресорните министерства, Владата соопшти дека одлучила оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна вредност од нешто над четири милијарди денари (околу 65 милиони евра).
Во ресорните министерства, фазата на евалуација не ја поминаа само четири општини: Струмица, Град Скопје, Теарце и Сарај, велат од владиниот сектор за комуникација со јавноста.
„Владата изрази благодарност на општините за максималната посветеност и ангажираност, што само ја докажува нивната способност и волја за инфраструктурен напредок, за што, во изминативе години немале можност поради ограничените финансиски средства. Почнувајќи од оваа година и во наредните години, на општините им се отвара нова можност да ги реализираат приоритетните проекти, да ги подобрат основните услови за живеење за граѓаните, да можат општините да се развиваат побрзо и да се создаваат нови можности за граѓаните“, пишува во владиното соопштение.