Владата одобри 18 милиони евра за топла зима во Скопје и одлучи да позајми 250 милиони со издавање германска обврзница

Фото: Влада на РСМ

Владата соопшти дека на денешната 85-та седница одобрила „средства за ликвидно работење на друштвата и континуирано снабдување со топлинската енергија на потрошувачите на Град Скопје“.

Како што соопшти владината прес-служба, пред почетокот на грејната сезона, Владата донела Одлука за одобрување 1,1 милијарда денари (околу 18 милиони евра) за набавка на енергенси на АД за производство на електрична енергија „Електрани на Северна Македонија” (ЕСМ) во државна сопственост, согласно Одлуката за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

– Со преземените соодветни мерки од страна на Владата се обезбедува непречено снабдување со топлинска енергија на Градот Скопје и сигурност и стабилност при испораката на топлинска енергија до потрошувачите за време на годинешната грејна сезона, се наведува во соопштението.

На седницата министрите го одобрија задолжувањето на државата со издавање на хартии од вредност на германскиот пазар, што претходно денеска го најави Министерството за финансии. Се работи за обврзница позната како НСВ (Namensschuldverschreibungen), во износ од 250 милиони евра.

– Овој инструмент со својата каматна стапка и рок на доспевање е најдобрата опција за портфолиото на јавен долг, односно каматната стапка изнесува 3,75 отсто плус шестмесечен ЕУРИБОР, со рок на отплата од три години и 18 месеци грејс-период, се наведува во соопштението.

„НСВ е инструмент кој обично го издаваат висококвалитетни клиенти со стабилен инвестициски кредитен рејтинг, а хартиите од вредност се купени од страна на германски инвеститори. Како регистрирана хартија од вредност, од страна на „Дојче банк” до сега е издадена во Полска, Ирска, Белгија и Шпанија. Овој финансиски инструмент покрај „Дојче банк” го издаваат и германската инвестициска банка КФВ, Меѓународната банка за обнова и развој (ИБРД) и Европската инвестициска банка (ЕИБ)“, се вели во владиното соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот