Владата нема право на грешка, важно е што Ковачевски прво ќе испорача

Влада на Димитар Ковачевски
Избор на владата на Димитар Ковачевски/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

СДСМ се наоѓа пред крстопат како партија и ќе видиме дали новиот премиер Димитар Ковачевски ќе се снајде за да влезе подготвен на наредните парламентарни избори за евентуална победа и продолжување на својот мандат, вели политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.

Димитар Ковачевски прексиноќа и официјално ја презеде премиерската функција откако Собранието со 62 гласа ја избра новата влада. Ковачевски најави дека веднаш ќе се фати за работа и дека од министрите очекува ефикасно, чесно и одговорно владеење, а опозицијата ја повика на соработка за добробит на граѓаните.

Ковачевски порача дека легитимитетот на новата влада е неспорен и дека со зголемената поддршка на мнозинството тој е одржлив во следните две и пол години, откако главната поента на опозицијата во дводневната собраниска дебата за избор на Владата беше оспорување на легитимитетот и на Ковачевски и на новата влада, па побара брзи парламентарни избори.

– Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година. Дотогаш ќе работиме посветено во унапредување на економијата и квалитетот на животот на граѓаните на државата – реча Ковачевски по изборот на новиот состав на Владата, предводена од СДСМ.

Да се поправи разнишаниот легитимитет

Политичките аналитичари ценат дека старо-новата влада ќе нема право на ниту една грешка ако сака да ја оправда довербата на граѓаните. Битно е, велат тие, што ќе биде тоа што Ковачевски прво ќе го испорача, зашто првите чекори се клучни.

Аналитичарот Благојче Атанасоски вели точно е дека легитимитетот извира од граѓаните, но сепак владиното мнозинство се креира со поддршка на 61 пратеник.

– Неколкупати сум напоменал дека оваа „старо-нова“ влада, предводена од СДСМ како коалициски стожер во власта, ќе нема право буквално на ниту една грешка, особено не во однос на корупциско-непотистички скандали, доколку сака да  го поправи своето владеење и да ја оправда довербата кај граѓаните, односно да го поправи разнишаниот легитимитет по поразот на локалните избори. Точно е дека легитимитетот извира од граѓаните, но сепак владиното мнозинство се креира со поддршка од 61 пратеник во Собранието – вели Атанасоски.

Тој додава дека СДСМ се наоѓа пред крстопат како партија.

– Ќе видиме дали новиот премиер Димитар Ковачевски ќе се снајде и дали ќе се наметне како предводник на Владата, за на наредните парламентарни избори, било редовни или предвремени, да влезе со компетитивност на изборите за евентуална победа и продолжување на својот мандат – вели Атанасоски.

Деескалација на негативниот полнеж

Според професорот Ненад Марковиќ, со изборот на новата влада дошло до деескалација на негативниот полнеж што го имаше по локалните избори.

– Заев и Ковачевски се сосема различни. Не знам дали е намерно избран поради тоа. Заев имаше еден доминантен патос на кој некои реагираа со поддршка, но кај некои предизвикуваше потсмев. Меѓутоа, Ковачевски е друг тип на политичар. Кај него тешко се читаат емоции, тешко се читаат намери и е енигматичен. Тој за јавноста е енигма и ќе видиме колку долго ќе остане така. Битно е што ќе испорача и битен е првиот впечаток. Прв впечаток не се остава двапати. Првите неколку чекори што ќе ги преземе се клучни. Сега ги нема Заев и Филипче, кои беа најекспонирани и најмногу беа изложени на критики. На нивно место има нови фигури и негативниот полнеж исчезнува – изјави Марковиќ за „Утрински брифинг“.

Во однос на програмата, Атанасоски вели дека проектите што се најавени треба да се спроведуваат за да почувствуваат граѓаните реален квалитативен напредок во сите општествени сфери на живеењето.

– Отчетноста и работата на министрите треба да им биде заштитен знак, бидејќи тоа треба да е одлика на држава што се стреми да се зачлени во ЕУ – смета Атанасоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот