Владата нема да се меша во судството, само ќе гледа!?

протести монструм
Во април годинава беа одржани мирни протести по повод судската одлука за случајот „Монтрум“/Скопје, 2 април 2021 - Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Обвинителката Вилма Рускоска рече дека не треба да се мешаат политиката и правото и нема основа за повторување на судењата за овие случаи, а од Министерството за правда велат дека мониторингот на судски случаи не е новитет и дека веќе се врши и за други случаи.

Се поткопува стабилноста на судството и довербата на граѓаните во неговата независност, а извршната власт недозволиво се меша во неговата работа, реагираат деновиве правни експерти по најавата за можна меѓународна истрага или мониторинг на повеќе правосилни пресудени случаи, како „Монструм“, „Диво Насеље“, „Алфа“ и други, како резултат на коалицискиот договор на СДСМ и Алтернатива за формирање ново парламентарно мнозинство и влада.

Премиерот Зоран Заев објасни дека барањето на Алтернатива било прифатено поради разнишаната доверба во правосудниот систем, но тоа не значи дека судските процеси ќе бидат поништени и повторени. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, „секогаш кога се одвива некаква кражба или продажба на државните интереси, власта ја врти темата кон националната реторика, ревизија на судските случаи и безбедноста“.

Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека мониторингот не е новост, дека постојат организации што мониторираат судски процеси, а дел од овие предмети веќе се барани за мониторинг, како и други предмети што се судени во времето на поранешната власт.

– Владата има побарано помош од ЕУ за мониторирање случаи на висока корупција, како и некои законски решенија во парламентот. Има различни случаи, завршени и незавршени. Ние како Влада сме побарале мониторинг од ЕУ, 20 случаи на висока корупција се набљудуваат, има случаи на СЈО, а има и други. Не е првпат да се отвора ова прашање, но најважно е да нема политичко влијание на исходот и на суштината на предметите. Не би било проблем за кого било, а пресудите се на обвинителството и судиите – изјави Маричиќ за Телма.

Според него, извршната власт нема да се меша ниту во судската власт ниту во Обвинителството, туку само ќе набљудува.

Обвинителката Вилма Рускоска рече дека не треба да се мешаат политиката и правото и нема основа за повторување на судењата за овие случаи.

– Не смееме правото и судството да ги мешаме, посебно што овие кривични дела, за кои се водеа постапките, не спаѓаат во кривични дела против човештвото и меѓународното право. Нема никаква законска основа да се бара повторување или меѓународна ревизија за овие кривични дела – вели Рускоска.

Според неа, особено е спорно барањето за предметот „Диво Насеље“, кој сѐ уште е во Врховниот суд и со овие најави се врши политичко влијание врз одлуката што треба да ја донесе овој суд.

Натали Петровска од Коалиција за правично судење прашува, ако се бара меѓународна истрага за овие предмети, дали тоа значи дека утре може да се бара и за други предмети.

– Зарем тоа не е начин целосно да се поткопа довербата во судството? Тука имаме поткопување на независноста на судство. Како извршната власт ќе му овозможи независност, ако носи рандом одлуки за кои ќе бара ревидирање или истрага? Извршната власт не е таа што треба да го преиспита работењето на судската власт – вели Петровска.

Според професорот по кривично право Гордан Калајџиев, ако има неправилности, тие треба да се решат внатре во државата, а не преку инволвирање странски фактор.

– Иако правдата не смее да се потцени и, за оние што се неправилно осудени тоа е веројатно приоритетно прашање, од државен аспект гледано ова признание на државата дека има политички процеси со кои не може да се справи и бара помош од надвор, нè прикажува во многу лошо светло. Мислам дека не само што го жртвува правото, туку ги жртвува и евроинтеграциите – вели Кајалџиев.

Од Судскиот совет велат дека Законот за кривична постапка и Законот за парнична постапка јасно предвидуваат под кои услови може да има повторување за одреден предмет.

– Како и со каква цел ќе се формира меѓународна комисија, Судскиот совет нема информации, но има право и обврска да укаже на доследно почитување на Законите и на судските одлуки – велат од Советот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот