Владата на Џонсон повторно одби да го објави извештајот за мешањето на Русија

Фото: EPA-EFE/UK PARLIAMENTARY RECORDING UNIT

Владата на Велика Британија одби да го објави извештајот кој го истражуваше мешањето на Русија во нејзиниот демократски процес, пренесува денес Гласот на Америка (ВОА).

Владата одби да го објави извештајот и покрај повиците тој да се објави пред парламентарните избори закажани за 12 декември.

Извештајот на парламентарниот одбор за разузнавачки работи и безбедност е направен пред неколку месеци, а претседателот на одборот изјави дека документот е подготвен за објавување.

Одложувањето го истакнува сомнението дека извештајот би можел да биде штетен за владеачката Конзервативна партија, наведува ВОА.

Во извештајот се наведени резултатите од истрагата за обвиненијата дека Москва се обидела да се вмеша во британската демократија, вклучувајќи го и референдумот за напуштање на Европската Унија во 2016 година и парламентарните избори во 2017 година. Извештајот е завршен во март, но владата го одложи неговото објавување за по изборите.

– Во недостаток на извештајот, поради одлагање, гласини и шпекулации се шират – вели Ендру Фоксал, експерт за Русија во Друштвото „Хенри Џексон“.

Постои можност извештајот да ја нагласи врската меѓу Русија и владеачките конзервативци. Тие ги отфрлаат тврдењата дека извештајот би можел да биде непријатен.

– Нема докази кои би можеле да сугерираат дека Русија или Кремљ биле успешно ангажирани во мешање во нашиот изборен процес – рече висок претставник на министерството за надворешни работи на Британија, Кристофер Пинчер.

Владата нагласува дека се чека извештајот да ја пројде безбедносната проверка, но претседавачкиот одбор кој го состави Доминик Грив вели дека извештајот веќе добил дозвола за објавување.

Пратениците на опозицијата, меѓу кои и министерката за надворешни работи во сенка Емили Торнбери, тврди дека станува збор за завера.

Во САД, истрагата на Роберт Малер заклучи дека Русија се мешала во претседателските избори во 2016 година. Хилари Клинтон, која загуби од сегашниот претседател Доналд Трамп на тогашните избори, ја оспори одлуката на британската влада.

– Изненадена сум поради фактот што британската влада нема да го објави извештајот за руското влијание, затоа што секој човек кој гласа во земјата има право да го види извештајот пред одржувањето на изборите – рече Хилари Клинтон.

Премиерот на Велика Британија Борис Џонсон ги отфрли сомненијата дека извештајот е штетен за неговата партија и најави дека ќе биде објавен по изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот