Владата копа дупки во законот за да им олесни на концесионерите?

Фото: Принтскрин МИА

Власта е цврсто решена по итна постапка да ги истурка измените во Законот за минерални суровини и покрај негативните реакции на стручната јавност. Измените ќе значат големо уназадување на земјава во однос на ЕУ-стандардите за рударската индустрија, а доаѓаат кусо време откако во истиот закон беа вметнати одредби, со кои беше забранета употребата на отровниот цијанид и киселини во преработката на рудите за новите копови, што беше оценето како чекор напред, сметаат еко-активисти.

Во својата реакција до министерот за економија Крешник Бектеши, чиешто министерство е предлагач на измените на законот, „О2 иницијативата“, „Зелениот институт“ и од Институтот за комуникациски студии (ИКС), се потпишаа на барањето пакетот-измени да се тргне од дневен ред на Собранието, бидејќи јавноста сега, поради итната постапка, нема увид во тоа што се предлага со измените на овој закон, кој не објавен на ЕНЕР.

Предложените измени предвидуваат бришење на обврската на концесионерите за техничко-технолошки елаборат за постапката за експлоатација на минерални суровини со техниките и супстанците што ќе се применат, како и бришење од законот на обврската за депонирана финансиска гаранција во случај на штетни ефекти по животната средина. Од друга страна, Предлог-законот го задржува истиот симболичен надоместок за концесија од 2 отсто и само го прераспределува во полза на локалната самоуправа.

Измените на Законот за минерални суровини е катастрофална грешка и ќе бидат срам за државата, бидејќи само ќе ја олеснат корупцијата и перењето пари во сферата на рударството и понатаму ќе ја загрозуваат животната средина, му порачаа на Бектеши струмичките активисти, кои водат повеќегодишна борба против отворањето на рудникот за бакар и злато Иловица.

– Со предложените измени се предвидува бришење на обврската на концесионерот да бара дозвола од државата при преносот на управувачкиот пакет акции, се предвидува и да не се плаќа надомест од 7 проценти од вредноста на концесијата во случај да не се бара дозвола за работа, а се овозможува во иднина крајниот сопственик на компаниите кои ја експлоатираат рудата во Македонија да може да биде и нерезидентно физичко, а не како досега – правно лице, со седиште во земјава, што е легална дупка во закон за перење на пари – велат струмичките активисти.

Се олеснуваат и условите за концесии за ископ на песок и чакал

Предложените измени на Законот за минерални суровини ги олеснуваат и условите за добивање концесија за ископување на песок и чакал, иако постојат бројни документирани примери за досегашната злоупотреба поради што се уништени многу речни корита и плодно земјиште. Само тој дел од Законот бара посебно разгледување и изнаоѓање сосем поинакви, одржливи решенија, кои водат сметка за животната средина, се вели во реакциите на еко-активистите насочени против носењето на измените на овој закон.

„Со Предлог-законот се врши усогласување со одредби од други закони. Предложено е истиот да се донесе по скратена постапка. Поради тоа и не е објавен на ЕНЕР системот“, одговорија од Министерство за економија. Според нив, доволно било што биле извршени консултации со претставници од Македонската асоцијација за рударство.

Според Министерството, обврската за техничко-технолошкиот елаборат не е избришана, туку е префрлена во членот 55 од Законот, бидејќи начинот на вршењето на експлоатацијата се уредува во главниот рударски проект, кој се доставува кон барањето за дозвола за експлоатација. Претходното решение за доставување на овој елаборат, заедно со барањето за концесија за експлоатација беше преурането. Оттаму велат дека  процената за деградирање на земјиштето, рекултивацијата и ремедијацијата на земјиштето, како и планот за управување со отпад, се уредени во документацијата која се доставува кон барањето дозвола за експлоатација. За таа цел, и финансиската гаранција е предвидена да се достави непосредно пред издавањето на дозволата за експлоатација, пишува во образложението на предложените измени кое го даде Министерството за економија.

Оттаму се категорични и дека нема простор за паника ниту кога е во прашање експлоатација на песокот од речните корита, бидејќи со измените се разграничувала големината на просторот и периодот на важност на концесиите за експлоатација на песок и чакал кои не се наоѓаат на коритата и бреговите на површинските водни тела (водотеци, езера и акумулации) кога концесијата е доделена на државно земјиште и кога концесијата е доделена по барање на сопственикот на земјиштето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот