Владата и средношколците се договорија: Ќе се полагаат два екстерни испита, третиот станува интерен

Изнајдено е заеднички прифатливо решение помеѓу средношколците и владата. Информацијата на заедничка прес конференција штотуку ја споделија премиерот Зоран Заев и лидерот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи. Како што кажа Ходаи, со владата меѓу другото е договорено да има два екстерни испита, а третиот е симнат на ниво на интерен испит.

„Со тоа ниту еден матурант не би имал проблем со упис на факултет тука или во странство и повторно би го имал потребниот број предмети кои му се бараат за упис“, рече Ходаи додавајќи дека со владата е договорено и скратување на испитните програми.

Претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи ги сподели останатите детали од компромисното решение, односно „банките” да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања, зголемување на коефициентот кај соодветниот екстерен испит од 0,5 на 0,9, односно од 5 на 9 поени. Државниот испитен центар да го врати испитот по естетика и филозофија како втор екстерен испит во средните уметнички училишта. Универзитетите да објават кои од листата на наставни предмети се соодветни за нивните студиски програми.

– Со цел учениците да имаат опција да ги променат своите испити, учениците кои ќе полагаат државна матура треба повторно да ги регистрираат своите испити. Краен рок за ова предлагаме да биде петок 5 март. Во нашите разговори со Владата изнајдовме решение за промена во начинот на добивање на поените за интерните испити. Предвид сега ќе се зема оценката од испитот и просекот по предметот како основа за добивање на поените, рече Ходаи.

Ова, според него, е едно залужено олеснување кое соодвестува на вонредните услови во кои се одвива наставата. Со компромисот што го простигнаа верува дека ќе има реално кратење на испитните програми за екстерните испити, а другите елементи, како што рече, дополнително ќе го олеснат полагањето на државна матура, при што никој нема да биде оштетен.

Премиерот Заев информираше дека со средношколците е договорено матурата да започне една недела подоцна, наместо од 29 мај, да почне од 5 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот