Владата и РКЕ едногласни: Законска обврска на БЕГ е да грее додека не се избере нов оператор со топлинска енергија

парно радијатор греење
Парно греење / Фото: Архива на Слободен печат

Откако денеска од БЕГ соопштија дека немаат обврска да греат ниту имаат финансиски средства да набават гориво за производство на топлинска енергија, со соопштенија се огласија од Владата и од Регулаторна комисија за енергетика.
Од Владата тврдат дека граѓаните на Скопје ќе имаат парно и дека согласно Законот за енергетика загарантирано е јавната дејност да се врши во целост без прекин.

Во овој момент се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука на Владата за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат истите, јавноста ќе биде навремено известена – се вели во соопштението од Владата.

Оттаму посочуваат дека заедно со ресорните институции постојано работат на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени, се со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. Конкретно, како што велат, се бара најдоброто решение за обезбедување на најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното.

 И оваа година како и минатата, Владата согласно законските можности прави максимални напори да обезбеди непречено снабдување на топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Во изминатиот период владиниот економски тим и ресорите енергетика имаа повеќе регионални средби и состаноци, со цел обезбедување на потребните енергенси во услови на најголемата светска криза која ја памтиме во поновата историја – соопштуваат од Владата.

Од Регулаторна комисија пак прецизираат дека вршењето на јавната дејност производство на топлинска енергија од регулиран производител е прецизно дефинирана во Законот за енергетика каде основниот императив на вршителот на јавна дејност е да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно производство на топлинска енергија.

Законот за енергетика , кој доби и зелено светло од Енергетска заедница во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата по однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека се до избор на нов вршител на посочената енергетска дејност, на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување на јавна дејност. Обврската за вршење на јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца (во случајов нов вршител на јавна дејност) – информираат од РКЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот