Владата го усвои законот за учебници

Настава во време на пандемија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Владата денеска на седница го утврди текстот на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, во кој се опфатени и стратешките документи и препораки на Европската комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата.

Владината прес-служба соопшти дека при изготвување на новото законско решение се земени предвид овие документи на ЕК кои во фокус го имаат развојот на дигиталните вештини на учениците, креирање и употреба на дигитални наставни материјали, развој на едукативни платформи, дигиталните вештини на наставниците и трансформација на училиштата во средини во кои се негуваат и развиваат дигиталните вештини и компетенции на учениците, со крајна цел поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес.

– Имено, во септември 2020 година Европската комисија усвои две иницијативи чија цел е да го зајакнат придонесот на образованието и обуката во закрепнување на ЕУ од кризата и да помогнат во градењето „зелена” и дигитална Европа. Првата иницијатива е заживување Европска област за образование со шест димензии: квалитет, инклузија и родова еднаквост, зелени и дигитални транзиции, наставници, високо образование, посилна Европа во светот. Втората иницијатива е новиот Акциски план за дигитално образование (2021 – 2027) со иницијативи за висококвалитетно, инклузивно и достапно дигитално образование во Европа, информира прес-службата на Владата.

Планот предвидува акција и посилна соработка меѓу земјите членки на европско ниво, како и меѓу сите засегнати страни, со цел системите за образование и обука да се направат соодветни за дигиталното време.

– Здравствената криза го стави учењето од далечина во центарот на образовните практики.

Тоа ја истакна потребата од унапредување на дигиталното образование и негово третирање како клучна стратешка цел за висококвалитетно учење и учење во дигиталното време. Како што ќе се надминува фазата на вонредна состојба наметната од избувнувањето на пандемијата, така ќе расте потребата од развивање стратешки и долгорочен пристап кон дигиталното образование и обука. Спомнатите иницијативи ќе треба да понудат начини за подобрување на квалитетот, особено во однос на основните и дигиталните вештини, да го направат училишното образование поинклузивно и родово чувствително и да ги подобрат постигањата на учениците, се наведува во соопштението.

Владата нагласува и дека Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование доаѓа од потребата од воведување целосно нов систем за изработка и одобрување на наставни средства и материјали, како резултат на консултациите со засегнатата и стручната јавност, наставниците, учениците, но и со родителите/старателите околу квалитетот на учебниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот