Владата го усвои ребалансот на буџетот, тврди дека новата пресметка ќе го заштити стандардот на граѓаните

Фото: илустрација / Влада на РСМ

Владата на Република Северна Македонија на денешната 47 седница го усвоила предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година, соопштија од „Илинденска“.

„Предлогот за ребаланс на Буџетот за 2022 година е насочен кон повеќе цели како што се ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со променетиот макроекономски контекст во првата половина на 2022 година, инкорпорирање на фискалниот одговор на кризата, реструктурирање на буџетските расходи, зачувување на фискалната одржливост и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.

Предложените измени и дополнувања, со кратења на непродуктивните трошоци во име на солидаризирање со последиците од актуелната криза ќе овозможи поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и оптимизирање на трошоците на позајмување, поддршка на монетарна политика и создавање поповолни услови за остварување на проектираните стапки на економски раст на краток и среден рок.

Предлогот за ребалансот е донесен и врз основа на позитивните ефекти од антикризните мерки за справување со енергетската и ценовната криза кои создаваат основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, при очекувано постепено стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и поповолен амбиент за инвестирање“, велат од Владата.

За деталите од предложениот ребаланс Министерството за финансии ќе извести на прес-конференција која е предвидено да се одржи во текот на утрешниот ден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот