Владата ги утврди законите за имплементација на четвртиот пакет мерки

Фото: МИА

Владата на денешната 14-та седница го утврди Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, за исплата на платите за октомври, ноември и декември 2020 година.

Со овој закон, информираат од владинатапрес-служба, се уредуваат условите и постапката за добивање на финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, заради исплата на платите на работниците за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.

На предлог на Министерството за финансии, денеска е утврден и предлогот за Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, кој исто така како и Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите е дел од четвртиот пакет за справување со економската криза предизвикана од коронавирусот.

-Со денот на влегувањето во сила на измените и дополнувањата од Законот за данокот на додадена вредност од 1 јануари ќе се изврши ослободување од данок на додадена вредност за донации дадени кон буџетски корисници за справување со коронавирусот Ковид-19. Исто така ќе се одложи рокот за плаќање ДДВ заради ликвидносна поддршка на компаниите, соопштија од Владата.

Заради олеснување на процесот на издавање, пренос и прием на фактура, ќе се даде можност за користење на фактура во електронска форма (pdf или друг електронски формат).

Од 1 јануари 2021 година, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 10 отсто за продавањето храна и пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци. Исто така, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 5 отсто за определени занаетчиски услуги кои се вршат од страна на занаетчии што се запишани во занаетчиски регистар.

Владата ги прифати и дополнувањата на Уредбата за начинот на организирање и реализирање на наставата во вонредни околности во основните и средните училишта, согласно кои, во случај на влошување на епидемиолошката состојба, проверувањето на постигнувањата на учениците ќе може да се врши и без физичко присуство на учениците, според упатствата за спроведување на проверка на постигнувањата на успехот на учениците без физичко присуство, изготвени страна на Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот