Владата ги усвои измените со кои ќе се регулираат цените за лекување на ковид-пациенти во приватните болници

Владата ги усвои измените на Законот за здравствена заштита со кои ќе се регулираат цените во приватните болници за хоспитализација на болните од ковид-19.

Измените, како што вечерва соопшти владината прес-служба, ќе бидат испратени на усвојување во Собранието.

– Со предложените измени се уредува и начин на вршење на здравствена дејност од страна на приватните здравствени установи при утврдено постоење на кризна состојба заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест, а на Владата и се овозможува законско овластување да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од страна на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија за да се овозможи овие услуги да бидат подеднакво економски достапни за сите граѓани, со што ќе се заштити јавното здравје и економските интереси на сите граѓани, се вели во владиното соопштение.

Со измените на Законот за здравствена заштита се предвидува 305 илјади денари или пет илјади евра да биде највисоката сума која ќе треба да ја плати пациент заболен од ковид-19 кој се лекувал во некоја од приватните клиники.

Со предложените измени е предвидено и користење на ресурсите на приватните болници доколку условите го наложуваат тоа согласно состојбата предизвикана од пандемијата и се забранува преземањето на здравствените работници од јавното здравство од страна на приватните здравствени компании.

Предвидени се и измени во делот на глобите за прекршоци доколку приватните здравствени установи не постапуваат согласно законските одредби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот