Влада: Ја унапредуваме слободата на медиумите, тие се многу значаен фактор во справувањето со коронавирусот

Владата на Република Северна Македонија ја оценува улогата на медиумите како исклучително важна за време на пандемијата со Ковид-19, за навременото, постојано и веродостојно информирање, а со цел заштита на јавното здравје и здравјето на секој граѓанин во земјата.

-Ја унапредуваме слободата на медиумите, тие се многу значаен фактор во справувањето со коронавирусот, а Владата останува отворена за секој конструктивен предлог кој доаѓа од професионалните и одговорни медиумски организации, велат од Владата.

Централна алатка на Владата, за граѓаните да бидат информирани, се дневните прес-конференции на официјалните институции, кои во зависност од динамиката и развојот на кризата се реализираат најмалку еднаш дневно. На прес-конференциите главен фокус имаат информациите кои доаѓаат од Министерството за здравство, но и на други министерства кои навремено известуваат за сите важни и сервисни информации за потребите на граѓаните.

Од Владата истакнуваат дека ги прифатиле препораките на Здружението на новинарите на Македонија и на Европската федерација на новинари (ЕФН), со цел медиумите да известуваат одговорно и да избегнуваат создавање неоправдана паника во јавноста при известувањето за коронавирусот и КОВИД-19, да се придржуваат до етичките правила при своето работење и да не придонесуваат во ширењето невистини.

-Во истата насока би сакале да се заблагодариме на ЗНМ, за заложбите и посветената работа за точно информирање од страна на медиумите и апелите кон медиумите за воздржување од сензационализам и дезинформирање, односно придржување до Етичкиот кодекс при известување за пандемијата, се вели во соопштението на Владата.

Оттаму информираат дека со интензитетот на пандемијата зачестиле барањата на акредитираните новинари што известуваат за настаните во организација на Владата, како и на нивните редакции, за обезбедување услови за заштита на новинарите во извршувањето на нивната работа.

-Овие барања се совпадаа со ограничувањата на Владата за физичко групирање па многу бргу беше обезбедена алатката за онлајн видео прес-конференции за што беше распишан повик за акредитација за да се обезбеди можноста за онлајн видео вклучување на прес-конференциите во Владата, за време на вонредната состојба. Онлајн видео прес-конференциите беа поздравени од повеќето медиуми, имајќи предвид дека со нив се обезбеди двонасочна комуникација без да има потреба од физичко групирање на медиумските работници, истакнуваат од Владата.

Можноста за вклучување во живо на онлајн прес-конференции, како и можноста за обезбедување дозволи за движење за време на полициски час, Владата ги обезбедила согласно постоечки професионални и независни критериуми

-За таа цел, Владата се водеше според сите постоечки регистри на медиуми во земјата, без оглед дали доаѓаат од регулаторното тело АВМУ или се саморегулирачки како тој на ЗНМ/СЕММ. Во време на вонредна состојба, кога граѓаните се потпираат на информациите од медиумите за да го заштитат сопственото здравје, Владата мора да го штити јавниот интерес и професионалното известување, а нема подобар начин да се следат критериуми и стандарди, од тоа да се земат предвид постоечките регистри на професионални медиуми, кои секако не ги креира Владата, велат од Владата.

Онлајн прес-конференциите на Владата беа и остануваат на македонски и албански јазик, а во голема мера се запазуваат и толкувачите на знаковниот јазик за лицата со попреченост.

Од Владата соопштуваат дека секој ден пристигнуваат прашања од медиумите кои веднаш или во оптимално време се одговараат и се адресираат до новинарите или редакциите што ги испратиле.

Оттаму потенцираат дека прес-конференциите кои речиси секојдневно се одржуваат во Владата не се и никогаш нема да бидат заменети со снимани емисии. На прес-конференциите Владата одговара и на прашања од граѓани стигнати на владината имејл адреса.

-Последните две прес-видеосесии, вклучително и посочената „КОВИД-19 – Прашања и одговори: Сè за коронавирусот” се реализираа во живо, не беа снимени и беше овозможено и реализирано вклучување на сите заинтересирани медиуми, при што новинарите им поставуваа прашања на претставниците на медиумите и добиваа одговори, истакнуваат од Владата.

Во врска со прес-конференцијата организирана во Куманово при посетата на владините претставници на Општинскиот кризен штаб, од Владата информираат дека таа нема пракса и не се појавува во улога на организатор на прес настани кои се одржуваат во локалните самоуправи.

-Како и при секоја друга посета на општина, така и овој пат, Владата даде препораки и насоки за реализацијата на прес-конференцијата, го најави учеството на владините претставници на прес-конференцијата, но не беше организатор на истата, велат од Владата.

Општинските служби ја утврдиле локацијата за одржување на прес-конференцијата.

-Во однос на препораки беше препорачано да се изврши дезинфекција на цел простор и говорницата, поставување на микрофони на говорница, замолување на камерманите да се позиционираат на безбедно растојание и сите да носат заштитна опрема. Од нашиот увид на терен, општинските служби имаа преземено активности за запазување на дадените инструкции, информираат од Владата.

Со цел натамошно подобрување на комуникацијата, од Владата велат дека остануваат отворени за сите предлози на медиумите.

-Владата во своите политики демонстрираше капацитет и слух за секоја конструктивна насока која доаѓа од медиумите и во таа насока ќе се продолжи, се вели во владиното соопштение.

-Во оваа прилика сакаме да ја изразиме нашата благодарност до ЗНМ и до сите медиуми и медиумски работници за посветеноста за информирање на населението за подобро справување со коронавирусот, потенцираат од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот