Влада: Бундестагот во септември ќе донесе одлука за одобрување на старт на преговорите со ЕУ

Делегацијата на Владата  предводена од претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со заменик претседателот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска беа примени од канцеларката на Германија Ангела Меркел.

„Канцеларката Меркел информираше дека Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, согласно утврдените процедури на СР Германија за прашањата за проширување на Унијата. На средбата канцеларката потенцираше дека Северна Македонија го испорача очекуваното и дека таа и Берлин на тоа гледаат многу позитивно.
Премиерот Заев на средбата рече дека Република Северна Македонија има целосна доверба во канцеларката Меркел и ја поддржува нејзината политика за процесот на проширување на ЕУ, како и нејзината политика кон Западен Балкан“, се вели во соопштението од Владата.

На средбата е истакнато дека СР Германија е наш стратешки партнер со кој заедно работиме на политиките за помирување на Западен Балкан, на стабилизацијата на регионот и на обезбедување економски напредок и демократска трансформација, процес којшто ќе заврши со нашето интегрирање во ЕУ.

„Претседателот на Владата на РСМ Заев, на средбата нагласи дека радува фактот што Министерството за надворешни работи на СР Германија има позитивен став за нашата земја во однос на започнувањето на преговори за членство во ЕУ, и дека треба да се испочитуваат процедуралните постапки и демократските процеси кои ќе овозможат Бундестагот да донесе позитивна одлука во септември“, се потенција во соопштението.

Од Владата велат дека на средбата во Берлин, се потврди дека во СР Германија, како и во другите земји членки, неоспорно се признаени резултатите од реформите кои се потенцирани во извештајот на Европската Комисија и дека позитивно се гледа на препораката на ЕК за започнување на преговори за членство во ЕУ.

„Силно е уверувањето дека оваа година започнуваме преговори за членство со ЕУ и им се придружуваме на Србија и Црна Гора“, потенцираат од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот