Вкусни идеи: Како да ги искористите останатите вапсани јајца

јајца
Фото: Pexels

По велигденските празници и богатата трпеза најчесто остануваат многу остатоци од храна, па ја замрзнувате за да ја искористите во некоја следна пригода. Но, вапсаните јајца што ќе ви останат, не можете да ги замрзнете и најдобро е што побрзо да ги искористите.

Ако ви останале многу велигденски вапсани јајца, сигурно се прашувате што со нив. Прв избор се разни салати во кои можете да ги додадете јајцата. Свежа зелена салата од марула, со рендани јајца, лукче, зачини, оцет и масло или кај нас позната како „мимоза“ е една од првите идеи што ви доаѓаат на памет. Но, некогаш сакате да пробате нешто ново.

unsplash

Можете да ги комбинирате јајцата во салата со компири, капари, авокадо, кисели краставички, маслинки, пилешко месо, риба, мајонез. Комбинациите се бесконечни, само зависи од вашиот вкус и желба.

Разни месни ролати

Освен ова со јајцата можете да приготвите и цел ручек, ако ги искористите за ролат со месо. Потребно ви е мелено месо, зачини, зеленчук по избор. Месото замесете го со зачините и масло, нема потреба да додавате други додатоци. Оставете го да отстои половина час, потоа развлечете го на фолија во голема кора со дебелина еден сантиметар. Наредете на средината варени јајца (лупени), зеленчук исечкан на тенки ленти (моркови, кисели краставички и сл.) завиткајте ролат и печете го во рерна.

И овде можете да правите разни варијанти – да искористите пилешко мелено месо, можете да го завиткате ролатот со тенки резанки сланина, подгответе мини-ролати, како поединечни порции, со по едно јајце, за секој член од семејството. Ако имате дома готово лиснато тесто, можете да ги завиткате јајцата во смеса од мелено месо, па потоа со кора од лиснато тесто, премачкајте со матена жолчка, посипете со сусам и испечете ги во рерна. Гозбата е загарантирана.

pexels

Како мезе или во супа

За да приготвите мезе за со пиво, добри се похувани јајца. Исечете ги на резанки, валкајте ги во бешамел сос (се прави од брашно пржено намалку путер, се додава млеко, сол, индиско оревче и се меша да згусне), потоа во матени јајца и накрај во лебни трошки, па пржете ги во масло.

Децата израдувајте ги со интересен ордевер од печурки од варени јајца, кои се прават така што јајцата ќе ги излупите, ќе ги украсите со парчиња домат и малку мајонез. Жолчката од јајцата можете да ја испасирате со мајонез, сенф, сирење и други додатоци, па да ги наполните половините од белки и да добиете вкусно предјадење.

unsplash

Сендвичите со јајца се одлично решение за појадок или ужина. Комбинирајте ги со зелена салата, шунка, павлака или мајонез. Можете да додадете кашкавал или моцарела и кратко да ги запечете на тостер или во тавче, на малку путер.

Варените јајца исто така се користат и како додаток во зеленчукови супи. Супа од спанаќ, блитва, карфиол и слично, поросете ја со рендано јајце. Или побарајте рецепт за јапонската супа „рамен“, којае комбинацијананудли, месо, алга нори, сечкано младо кромитче и цело варено јајце исеченона пола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот