Вкупно 67 членки содржи регистарот на професионални онлајн медиуми на ЗНМ и СЕММ

Вкупно 67 членки има регистарот на професионални онлајн медиуми, кој денеска на прес-конференција го презентираа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Кон процесот на креирање на регистарот се приклулчи и Стопанската комора на Македонија.

Извршниот директор на Советот на етика во медиумите на Македонија Марина Тунева информира дека процесот на креирање регистар на професионални онлајн медиуми е резултат на поширока дебата за потребата од адресирање на проблемите од работата на онлајн медиумите. Посочи дека ставот на ЗНМ и на СЕММ е дека саморегулацијата е најмоќно решение за поттикнување на професионалноста во медиумите, не само во сегашни околности, туку и на подолг рок.

Креирањето на регистарот се одвивал според критериумите усогласени меѓу СЕММ и ЗНМ по примери од практиката во развиените демократски општества и Советот на Европа, а била консултирана и новинарската, медиумската и бизнис-заедницата во државата.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија Младен Чадиковски зборуваше за корисноста од креирањето регистар на професионални онлајн медиуми. Информира дека PROMEDI@ MK не се прави од денеска за утре, не е проект што почнал и завршил, туку, како што рече, е еден бескраен проект што ќе трае.

– Професионалните онлајн портали кои се дел од PROMEDI@ се иднината на веб-новинарството во земјава затоа велам дека нема да престане, а нашата вистинска работа допрва почнува. Покрај десетиците средби што ги имавме со новинарите, уредниците, бизнисмените, процесот на убедување да се сфати што значи ова ќе продолжи се до исполнување на финалната цел – препознавање на професионалните медиуми и насочување на бизнис рекламните кампањи кон нив – рече Чадиковски.

Изрази благодарност што Стопанската комора и маркетинг агенциите го прифаќаат моделот и упатуваат јавна препорака кон своите клиенти, своите пари за реклами да ги упатуваат кон медиумите на PROMEDI@, односно кај кого што сакаат од таа листа. Посочи дека ги одбрале бизнисмените за партнери зошто, како што рече, тие се главниот лост што можат да ги направат медиумите независни.

Според него, PROMEDI@ ќе има широка примена, за бизнисмените, граѓаните, публиката, за политичарите. Регистарот, како што рече, не е даден еднаш засекогаш, доколку некој од оваа листа ги прекршува стандардите ќе му се каже збогум.

– PROMEDIA е позитивна листа на медиуми. Не сакаме било која институција да ја искористи на поинаков начин и да ја користи за давање или недавање акредитации, за забрана на влез во различни институции на луѓе кои не се на оваа листа. Не, листата е единствен предуслов за препознавање на професионалните наспроти непрофесионалните медиуми – потенцира Чадиковски.

Информациите за тоа кои се членки на регистарот на професионални онлајн медиуми се поставени на веб-страницата на PROMEDI@ МК која од 1 јануари 2020 година ќе стане целосно функционална и редовно ќе се ажурира со податоцаи за членките на регистарот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот