Вкупно 423 родители побарале да се засади дрвце со името на нивното дете

Дрво за секое дете, проект на Град Скопје/ Фото: Град Скопје

Со овој проект, на симболичен начин сакаме да создадеме врска меѓу градот и неговите сегашни и идни граѓани – велат од Град Скопје

И по неколку години откако градските власти го стартуваа проектот „Дрво за секое дете“, интересот за садење дрвја за новороденчињата не спласнува кај младите родители. До овој момент до Град Скопје се пристигнати 423 пријави на родители од сите скопски општини кои добиле нов член на семејството, но и нов жител на Скопје, за садење дрво на некоја од јавните зелени површини во градот, на кое ќе стои името и презимето на бебето.

Идејата за реализацијата на овој проект датира од 2019 година и има за цел зголемување на зеленилото во градот со садење дрво на конкретна локација, кое ќе расте „заедно“ со детето и за кое покрај вработените, задолжени за одржување на зеленилото во Скопје, би требало да се грижат и родителите на детето чие име е испишано на плочка ставена на дрвото.

– Градот Скопје во 2019 година започна со реализација на проектот „Дрво за секое дете“, со кој им се овозможува на нашите сограѓани да засадат дрво во чест на раѓањето на нивното бебе, на некој од градските дрвореди, паркови или скверови, а на самото дрво ќе има плочка каде што ќе го пишува името на детето и датумот на раѓање. Поради пандемијата со коронавирусот, проектот подолг период беше ставен во мирување, а со наредната акција за засадување истиот ќе продолжи – објаснуваат од Град Скопје.

Според нив, целта на проектот е да се овозможи децата да растат и да го следат растот на своето дрво.

  • Со тоа, на симболичен начин сакаме да создадеме врска меѓу градот и неговите сегашни и идни граѓани. Овој проект се реализира фазно и досега се засадени и поставени плочки на поголем број локации, како што се на кејот на реката Вардар, зад Воениот стадион во Градскиот парк, како и новиот дрворед во должина на булеварот 8 Септември – велат од Град Скопје од каде што информираат и дека, за реализација на овој проект, немало големи финансиски импликации, бидејќи се спроведувал во рамките на стандардните акции за садење дрвја, а единствен дополнителен трошок бил изработката на плочките што се поставуваат на дрвјата.

Сепак, за жал, одреден број засадени дрвца со плочки со имињата и датумите на новите жители на Скопје се исушени. Таков е примерот со неколку дрвја засадени во паркот „Авионче“ во Општината Аеродром.

Градските власти апелираат до скопјани доколку забележат оштетени дрвја, да се јават до секторот за комунални работи или до надлежните во ЈП „Паркови и зеленило“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот