Вјоса Османи не ги скара Мицкоски и Курти, да не се повторат вакви инциденти

Мицкоски и Курти Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на Меѓународниот аеродром Скопје што се случи на 2 август нема да ги наруши добрососедските односи меѓу Косово и Македонија, децидни се премиерите Албин Курти и Христијан Мицкоски по денешната средба во Скопје која, како што кажаа, била конструктивна и во пријателска атмосфера. За инцидентот се подготвува извештај кој ќе опфати и два претходни инциденти од 16 септември и 9 октомври минатата година за кој премиерот Мицкоски не даде повеќе детали.

– Нашата цел е да градиме добрососедски односи со сите наши соседи, на принципот на двонасочна улица. Не се нарушени односите меѓу двете земји туку даваме нова димензија во позитивна насока. Разликата меѓу сегашната и претходната влада е во тоа што сега јавноста знае, додека претходните два случаи на девијантно однесување не излегоа во јавност- рече премиерот Мицкоски.

Тој јавно се понуди лично следниот пат, доколку ја добие навремено информацијата, со задоволство на аеродромот да ја придружува косовската претседателка на аеродромот во Скопје додека на отпатува,  само за да се избегнат ваков тип на инциденти.

– Претседателката Вјоса Османи на скопскиот аеродром беше со семејството, со ќерките, и жалиме што се случи овој инцидент. Ќе има официјален извештај до детали за да разбереме што точно се случило и да не се повтори – нагласи косовскиот премиер Албин Курти.

Мицкоски додаде дека посебното однесување на поединци е наш домашен проблем, кој што ние ќе го решаваме, со оглед на тоа што наводно припадник на обезбедувањето на собранискиот претседател Африм Гаши со пиштол на глава му стоел на полицаец кој побарал косовската претседателка да го даде својот мобилен телефон за да помине на скернер.

– Има надлежни институции кои што ќе го расветлат случајот во два дела. Првиот дел е до моментот додека не доаѓа лицето и вториот дел е откако доаѓа лицето. Никој нема да биде над законот додека сум јас премиер и ако се потврди таков инцидент, ќе има одговорност – рече Мицкоски.

На ова Курти додаде дека истрагата треба да го расветли случајот доколку има прекршување на процедурите и овластувањата.

– Јас и Мицкоски не можеме да бидеме и цариници, и инспектори и полицајци. Случајот треба да се расветли – дециден е Курти.

Курти беше прашан дали Косово останува на ставот дека овој настан е провокација. Но, тој рече дека тоа можел да го каже секој „граѓанин“, но не и институциите на Косово, нагласувајќи дека Министерството за надворешни работи и дијаспората на Косово преку соопштенија го искажале ставот на Владата.

Сепак, настанот е оценет како провокација од институцијата Претседателство на Косово и тоа го потврдува официјалното соопштение од Претседателството на Косово.

„Вчерашната ситуација на скопскиот аеродром не може поинаку да се објасни или да се оцени, освен како чиста провокација и тенденција за инцидент“, се вели во реакцијата на Претседателството на 2 август.

На маса и екстрадициите

Двајцата премиери разговарале и за екстрадициите, односно за поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани кој беше баран со потерница од Интерпол Србија, а беше неодамна фатен на македонската полиција. Рамадани од први август до 16-ти овој месец е во домашен притвор во Скопје до завршување на понатамошните процедури. Минатата недела министерот за правда Игор Филков соопшти дека до Косово испратиле ново барање за екстрадиција на осудените на доживотен затвор за масакрот на пет лица кај Смилковско езеро, Алил Демировиќ и Африм Исмаиловиќ.

– Министрите за правда ќе продолжат да соработуваат за овој случај. Сакаме да ги зголемиме и подобриме односите меѓу двете земји – рече Мицкоски.

– Случајот со двајцата бегалци е покренат во Специјалното јавно обвинителство во нашата држава. Во интерес на двете земји е што побрзо да се затворат овие случаи, да бидат запазени добрососедските односи, но и уставите и законите на двете држави – нагласи Курти.

Двајцата премиери очекуваат соработката меѓу Косово и Македонија на економски план да се продлабочи, и сегашната трговска размена од половина милијарда евра да порасне во иднина, да се доправи патот Скопје – граничен премин Блаце за побрз транспорт на стоки и патници меѓу двете соседни земји како и преминот Елез Хан  (Генерал Јанковиќ)

– И не гледам причина зошто со напорите на двете влади таа размена да не е уште поголема. Со изградбата на инфраструктурните проекти, автопатот кој што ќе го поврзе граничниот премин со нашиот главен град, потенцијалниот патен правец кој што ќе ги поврзе Тетово и Призрен, и така натаму, приоритети кои што се многу важни – потенцираше Мицкоски.

Мицкоски и Курти Фото: Слободен печат/Мете Здравев

– Ние сите знаеме дека имаме многу семејства и роднини од двете страни на границата, дури и мојата заменичка за надворешни, Доника Шварц е по потекло од Скопје, а и нејзината маќеа е од Скопје. И Глаук Коњуфца, исто така. И заинтересирани сме, како што нагласи Мицкоски, да имаме што поголем и послободен промет на граѓаните и затоа несомнено овој патен правец кој што ги поврзува нашите граници и нашите држави откако ќе се пушти во употреба ќе придонесе исклучително многу во тој правец – рече Курти.

Тој не сакаше да ја коментира неодамнешната изјава на министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ за „тероризирањето на српските жители на Косово“, па се осврна на правата на Србите на Косово, каде според него живеат 93 проценти Албанци, 4 проценти Срби и други заедници по помал број.

– Во косовскиот парламент има 10 места резервирани за Србите, српскиот јазик е службен во 70 проценти од општините, РТК2 емитува 24 часа програма на српски јазик, Ненад Рашиќ е министер за заедници и враќање. Во моментов нема меѓуетнички јазови, туку проблем е јазичната бариера зошто помладите генерации на косовски Албанци не го говорат српскиот јазик, за разлика од мојата генерација која учеше српско-хрватски јазик – рече Курти.

Неодговорно однесување на ДУИ

Македонскиот премиер повторно изрази загриженост за „неодговорното однесување на ДУИ како закана за мирот и стабилноста“, за што зборуваше во интервју за „Фокус“ и нагласи дека може да се очекуваат насилни протести на кои ќе има соодветен одговор.

– Раководството на ДУИ во обид да го заштитат капиталот ќе преземат чекори за дестабилизација на државата, но ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки како влада, за да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава. Очекуваме нешто да се случи оваа есен, но ќе видиме. Во иднина сепак носењето на реформски закони очекуваме да биде поддржано од сите политички чинители во државата, Левица, СДСМ и ДУИ- рече Мицкоски.

Мицкоски и Курти Фото: Слободен печат/Мете Здравев

Албанскиот премиер во Скопје допатува придружуван од вицепремиерката за дијаспора Доника Гервала Шварц и од министерот за животна средина и инфраструктура Лубурн Алиу. По тет-а-тет средбата на двајцата премиери се одржа билатерална средба на која од македонска страна учествуваат министерот за надворешни работи и дијаспора Тимчо Муцински, министерот за правда Игор Филков, вицепремиерот за добро владеење и транспарентност Арбен Фетаи, како и министерот за животна средина Изет Меџити.

Косовско МНР: Недостоинствен однос кон Османи на скопскиот аеродром

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот