Вјоса Османи: Косово е против „Отворен Балкан“, тоа ѝ служи на Србија за да го шири хегемонизмот

вјоса османи
Косовската претседателка, Вјоса Османи / Фото: МИА

Претседателката на Косово, Вјоса Османи вели дека нејзината држава е против иницијативата „Отворен Балкан”, покрената од премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, затоа што, според неа, таа иницијатива претставува „простор за ширење на српскиот хегемонизам”, пренесува Танјуг.

На денешната прес-конференција со претседателот на Словенија, Борут Пахор, кој престојува во официјална посета на Приштина, Османи рече дека „би било поинаку доколку Србија беше држава која се стреми кон мир и стабилност и доколку го признаеше Косово”.

За нас „Отворен Балкан” претставува простор за ширење на српскиот хегемонизам. Во моментов Србија, која настојува да ја игра главната улога во иницијативата, нема добри намери во однос на нашиот регион. Би било поинаку доколку Србија беше држава која се стреми кон мир и стабилност и доколку го признаеше Косово. Сé додека се труди Косово да го вклучи во иницијативта како своја покраина – додека реалноста е сосема спротивна, бидејќи Косово е независна и суверена држава – нормално дека една таква иницијатива не служи на интересите на нашата држава, но ниту на регионот, изјави Османи.

Официјална Приштина, рече таа, смета дека „Отворен Балкан” би се претворил „во чекалница за ЕУ и би им дал аргумент на скептиците внатре во Унијата за да нѐ остават уште долго време да се занимаваме еден со друг, наместо да ни се отвори нашата европска перспектива”.

Османи потврди дека со нејзиниот словенечки колега имаат различни мислења околу „Отворен Балкан”, но нагласи дека на таа тема разговарале „со обострана почит”.

Пахор: „Отворен Балкан” не е алтернатива на приклучувањето на Западен Балкан во ЕУ

Пахор на заедничката прес-конференција рече дека „Отворен Балкан” не претставува алтернатива на приклучувањето на Западен Балкан во Европската унија, и дека на почетокот ја поздравил иницијативата и како начин за средување на односите меѓу Косово и Србија.

Видов дека има многу противења. Кога дојде до оваа иницијатива ми се виде како мошне елегантна можност за средување на односите меѓу Косово и Србија, рече Пахор.

Тој се заложи за продолжувањње на косовско-српскиот дијалог и порача дека Приштина треба да ја почитува преземената обврска од преговорите со Белград со посредство на Брисел, за формирање на Заедницата на српски општини.

Османи во врска со Заедницата одговори дека за тоа постои јасен став на Уставниот суд на Косово, според кој не може да се формира асоцијација со извршни надлежности.

Нагласувајќи дека се залага за што поскоро постигнување договор за решавање на споровите со Србија, косовската претседателка ја обвини српската страна за непочитување на досега постигнатите договори со посредство на ЕУ.

Мислам дека е време да проговориме за страната која не ги спроведува договорите, а тоа е Србија. Не ги спроведе две третини од постигнатите договори. Освен тоа, Србија продолжува да ги финансира илегалните структури во Косово. Косово ги имплементира 90 отсто од договорите, а единствениот кој не го имплементира е оној за Заедницата, за кој Уставниот суд јасно кажа дека е неуставен. Претставува кршење на Уставот формирање заедница со извршни надлежности, рече Османи.

Видео на денот