Визуелната интервенција на природниот амбиент е дел од концептот на ликовната колонија во Галичник

Традиционалната манифестација „Ликовна колонија Галичник“ својата 32. сесија ја одржува од 15 до 22 август во Галичник. Поради неизвесната состојба со коронавирусот, колонијата ќе има хибриден пристап, физичко учество ќе имаат 11 уметници, а четворица ќе се приклучат онлајн.

Учесници на колонијата се Џозеф ван Калденбург од Холандија, Милка Делибашиќ – Црна Гора, Магдалена Кучко – Полска, Ана Марија Паску – Романија, Клица Антониу – Кипар, Зара Александрова – Бугарија, Ејгул Догруел – Турција, Денис Јагџи – Косово/Македонија и македонските автори Гордана Вренцоска, Христина Зафировска, Ивана Самандова, Горанчо Ѓоргиевски, Доротеј Нешовски, Кристијан Јовановски и Зоран Георгиев.

Годинашниот концепт на колонијата е со наслов „Визуелна интрузија“ и намерата на овој дискурс е со визуелна интервенција, т.е. интрузија на природниот амбиент на Галичник и неговата околина, која ќе биде предизвикана во реалност, а нагласена со помош на дигитална интервенција и архивирање на интрузијата на медиумот фотографија или видео, да се визуелизира контрастот и моќта што човекот ја има во загрозувањето, но и заштитата на животната средина и зачувување на нејзиниот природен облик и форма.

Дело на Ана Марија Паску од Романија

Ваквите интервенции треба да го подигнат нивото на свеста и да имаат директен импакт во процесот на будење и преземање одговорност за своите постапки, објаснува Ана Франговска, уметнички раководител на ликовната колонија во Галичник.

– Со оглед на одличната селекција на автори и нивните значајни биографии или растечки достигнувања, сигурни сме дека и годинава на колонијата ќе се создадат одлични, и ефективни уметнички дела, кои заедно со делата од минатогодишната средба, македонската публика ќе може да ги види на биеналната изложба закажана за ноември во мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје – додава Франговска.

Во рамки на работната сесија ќе се одржат и јавна отворена програма, која ќе содржи две јавни презентации на уметниците пред публиката, планирани за 16 и 17 август од 20 часот, пред Упија во Галичник, како и работилница со деца, на 21 август во 11 часот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 93, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 август 2021)

Видео на денот