
Визионерски и колористички претстави носи самостојната изложба на хрватскиот уметник Данко Фришчиќ
Во објектот „Мала станица“ при Националната галерија уште неколку денови, до 18 јануари, ќе биде поставена самостојната изложба на Данко Фришчиќ, ликовен уметник и професор од Република Хрватска. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам.
Препорачано
Со наслов „Сликоиди – металагалактик“ на изложбата се претставени четиринаесет слики на Данко Фришчиќ изработени во техника масло на платно, создадени во 2024 година. Куратор на изложбата е Маја Крстевска од Националната галерија.
– Хрватскиот уметник и професор Данко Фришчиќ за првпат изложува во Националната галерија на Македонија, што за мене како куратор беше предизвик да ја поставам неговата изложба и да ја оживеам во изложбениот простор. Изложбата ги обединува уметничките граници на Хрватска и Македонија, со што се продлабочува веќе воспоставената соработка меѓу двете земји.
Искреноста, посветеноста, откритијата во звучните сцени кои авторот ни ги изразува преку неговите ткаенини, водат кон космичка фантазија и нежна иронија со дополнителен забавен карактер. Изложени се слики од циклусот „Slyx“ со кои тој, преку својот уметнички јазик, нè информира за своите визионерски и колористички претстави во специфичен авангарден експресионистички стил.

Во сликите се издвојува експресивна линија, со динамични контрасти и акцент на естетиката на гротеската. Тие се фундаментални карактеристики во сликарството на Фришчиќ. Преплетот на деталите дава аура на тонско богатство, создавајќи нестабилност и хаос и ја доведува темата во надреална композиција. Пред нас имаме мајстор на фантазијата и на фигурацијата, кој со својот карактеристичен стил нè води до вистинската реалност која, всушност, и пристапува целосно ослободена од контрола или од некоја причина за постоење.
Уметничкото дело изразува халуцинаторна визија и впечаток дека влегуваме во играта на асоцијации, а од друга страна нè поврзува со нормалната состојба на умот. Со своето движење, Фришчиќ ги надминува традиционалните форми, истражувајќи нови начини за изразување на содржината и отелотворувајќи ја неочекуваната средба со различни елементи, кои се негова инспирација за различни асоцијации. Тој е склон кон разнобојни огномети, а неговата шема на визуелно сликарство се постигнува со артикулирање на ритам, со одредено емотивно чувство за самосвесно баран ефект – посочува кураторот Маја Крстевска.
Инаку, Данко Фришчиќ потекнува од истакнато уметничко семејство. Неговиот татко е познатиот уметник Иво Фришчиќ од кого Националната галерија на Македонија има дело во својата богата колекција. Двајцата се двојно поврзани – и преку директна крвна линија и преку уметноста како нивна професија. Како што би рекол Данко во едно интервју, на прашањето за односот со татко му: „Брзината на нашата сличност и во исто време нашата разлика“.
Данко Фришчиќ работи како редовен професор на Ликовната академија во Загреб, каде и дипломирал во 1997 година, а од 2019 до 2023 година бил продекан за настава за меѓународна соработка. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Хрватска. Има реализирано над седумдесет самостојни изложби и над двесте групни изложби низ светот и во Република Хрватска.