Вистината е откриена, пандемијата е антимакедонски заговор

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Но! Тука се македонските мудреци и патриоти. Тие ископаа длабоки ровови на Фејсбук и Твитер, па херојски испукуваат барутни полнења полни со факти и вистини. Последниот куршум, со конечната вистина, го чуваат за себе, да си пукнат во јуначкото колено, кога злиот, антимакедонски свет, поточно Запад, ќе ги пробие сите линии на нивниот патриотски фронт.

Конечно, разбравме за што се работи. КОВИД-19, вирусот кој затвори четири милијарди луѓе во нивните домови, а до денот кога го пишувам ова, заразени се повеќе од 1,8 милиони луѓе низ целиот свет а починаа повеќе од 110.000 луѓе е – измислен. Да, добро прочитавте, вирусот е измислен!

Целта на оваа измислица е едноставна и многу веројатна. Ако човек погледне подобро, се разбира, каде на друго место, ако не на Фејсбук и Твитер, ќе види еден болно очигледен факт. Целиот свет, поточно Западот, скова заговор, само и само да се уништи македонштината.

Вирусот е измислен, се воведе полициски час речиси во целиот свет, за луѓето да останат дома и да не ја видат вистината дека македонштината се уништува преку издавање македонски државјанства и лични карти на мигрантите, кои предавниците како мене ги нарекуваат и бегалци од војната. Вирусот е измислен само и само да не се врати БМБРО-Негативна на власт, да се задржи на власт предавничката хунта. И Борис Џонсон се разболе, принцези и принцови, премиери и ѕвезди, само да се замачкаат очите на светот пред големата неправда против фактите и вистината.

Време е да се соочиме со вистината. Тоа што властите во Њујорк немаат веќе место каде да ги закопуваат мртвите, жртви на корона вирусот, па ги користат и парковите како привремени гробишта – тоа е само димна завеса за да се скријат подлите намери на светот (Западот) и да им се дадат лични карти на мигрантите. Македонски лични карти! Џиновските турбини на светската економија застанаа, авионите се приземјени, а се испразнија улиците и плоштадите, театрите, спортските сали, трговските и туристичките центри…

Пеперутка да помине низ строгиот центар на Берлин, Лондон или Њујорк, ќе се слушне мавтањето на нејзините крилца. Сите се дома. Сѐ со цел да се одвлече вниманието на будните и интелигентни македонски патриоти, тие бесплатни чувари на македонската државност, самобитност и интегритет. Но, неуспешна е таа завера со планетарни размери.

Тука се македонските мудреци и патриоти. Тие ископаа длабоки ровови на Фејсбук и Твитер, па херојски испукуваат барутни полнења полни со факти и вистини. Последниот куршум, со конечната вистина, го чуваат за себе, да си пукнат во јуначкото колено, кога злиот, антимакедонски свет, поточно Запад, ќе ги пробие сите линии на нивниот патриотски фронт.

Будните, мудрите, храбрите, но и осамените македонски синови и ќерки, што меѓу себе се нарекуваат браќа и сестри, а секако се поврзани најмалку со кумство и банкарски трансакции, секој ден испукуваат факти и вистини од црешовото топче и пушките манлихерки. Прво теренот го чистат со црешовото топче од стражарската кула на белата палата, а потоа маршира пешадијата по бојното ми Фејсбук и Твитер поле. „Те, предавници, ви нема спас, секој ден откриваме факти и вистини, не можете да избегате. Ние сме малубројни, но Господ е со нас и пастирот од Будмпешта! За вас нема спас, Америка и Енглеска, биќе земља пролетерска!“ – извикуваат тие, прво во мислите, за вежба и двојна проверка на фактите, а потоа и на глас.

А потоа рефренот: „Нема маски, нема апарати, лекови и лекари, нема правда, нема закон, нема демократија, нема помош, освен ако од Белата палата не се нарача, ништо нема, Западот е лош и зол111 Само мигранти, црни арамии и предавници лути, без страм и жал за страдна Маќедоња, цела да е111 Зоран е КРNВ111 Ах, власт, слатка власт…“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот