Високото образование – столб на пријателските односи меѓу Грција и Северна Македонија

Фото: Фестивал на грчка култура

Постои добра основа за младите генерации на Северна Македонија да можат да се запознаат одблиску со современата грчка реалност и да ги искористат можностите што ги нуди грчкото високо образование.

Неодамна, Генералниот секретаријат за високо образование на Министерството за образование и религии и Генералниот секретаријат за јавна дипломатија и грчка дијаспора при Министерството за надворешни работи на Република Грција презедоа иницијатива и организираа отворен настан преку интернет-платформа на тема зајакнувањето на врските помеѓу грчките универзитети и грчката дијаспора. На овој настан се презентираа многу интересни факти за функционирањето на меѓународните образовни и истражувачки програми, кои ги нудат грчките универзитети и кои би можеле да го привлечат вниманието не само на грчките студенти и научници од дијаспората, туку и на странци од соседните земји на Грција.

Познато е дека многу ученици од балканските земји, вклучително и од Северна Македонија, по завршувањето на средното образование, избираат да студираат на високообразовните институции во Грција. Истото важи и за младите научници кои се заинтересирани да специјализираат во конкретни научни области и да следат програми за постдипломски студии. Познато е, исто така, дека и грчките студенти и млади научници сакаат да стекнат искуство преку студирање на странски високообразовни институции. Некои од нив дипломираат или поминуваат дел од своите студии на универзитетите во балканските земји.

Во овој контекст, овие лица го сочинуваат социјалното јадро преку кое се создаваат неопходните услови и предуслови за пријателство, меѓусебно разбирање и соработка помеѓу грчкото општество и општествата на соседните земји на Грција. Овој процес добива посебно значење во случајот со односите помеѓу Грција и Северна Македонија, бидејќи условите за соработка меѓу двете земји во областа на политичкиот, социјалниот и економскиот живот се доста поволни. Тоа е очигледно. Непосредната географска близина на двете земји, идеалот за европска интеграција што ги води и потребата за заедничка иднина на економски просперитет, одржлив развој и подобрување на квалитетот на животот на нивните народи се темелите за градење на цврст однос на пријателство и доверба.

Запишувањето на младите научници од Северна Македонија на грчките високообразовни институции и нивното учество во меѓународни образовни и истражувачки програми што се нудат на многу факултети во Грција од повеќе научни области јасно е дека ќе придонесе не само за личното образование и обука на овие млади луѓе, но и во создавањето пријателски врски како резултат на односите што ќе ги развијат со своите врсници и колеги од грчката страна и како резултат на знаењето што ќе го стекнат за секојдневието во Грција. Секако, истото важи и за младите грчки научници, кои можат да учествуваат во слични програми на факултетите во Северна Македонија. На ова поле, зајакнувањето на соработката меѓу високообразовните институции на двете земји и образовната размена може да имаат одлучувачка улога.

Еднакво важни во овој случај се и преземените иницијативи за организирање состаноци и заеднички настани на младите од двете земји, што беше докажано од неодамнешната дводневна конференција организирана од Младински сојуз – Крушево со тема соработката на младите од Северна Македонија и Грција. Оваа соработка може да опфати повеќе сектори, почнувајќи од културата и образованието, па сѐ до деловната активност итн.

Да се навратам на иницијативите на Генералниот секретаријат за високо образование на Министерството за образование и религии и Генералниот секретаријат за јавна дипломатија и грчка дијаспора при Министерството за надворешни работи на Република Грција. Вреди да се истакне дека во последните години се направени значителни напори за зајакнување на екстровертноста на грчките универзитети со цел да се привлечат, како грчките иселеници, така и странските студенти. Младите научници можат да најдат во Грција идеални услови за студирање во широк спектар на научни теми со богата инфраструктура и професори со меѓународно реноме и признание. Според податоците на грчкото Министерство за образование, во 2020 година во грчките високообразовни институции функционираа 81 постдипломски програми на странски јазик, на кои студирале 537 странски студенти. Исто така, странските студенти можат да посетуваат додипломски програми, кои главно се на грчки јазик, но тоа не значи дека нема програми на странски јазик, особено на англиски јазик. Во секој случај, универзитетските институции им овозможуваат на сите странски студенти запишани на додипломски и постдипломски студии да посетуваат курсеви на грчки јазик, со цел да им се олесни нивното учество во образовниот процес, но и во грчкото секојдневје. Секој заинтересиран може да добие информации за студиите и студентскиот живот во Грција на онлајн платформата „Студирај во Грција“ на веб-страницата https://studyingreece.edu.gr/, која е достапна на грчки и на англиски.

За крај, наведеното покажува дека веќе постои добра основа за младите генерации на Северна Македонија да можат да се запознаат одблиску со современата грчка реалност и да ги искористат можностите што ги нуди грчкото високо образование. Воедно, јасно е дека постои простор за понатамошен динамичен развој на образовната соработка и размена меѓу високообразовните институции на нашите земји.

(Авторот е раководител на Канцеларијата за јавна дипломатија при Амбасадата на Грција во Скопје)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот