Висококатница кај „Букурешт“ ќе се гради, но неизвесно е дали ќе „порасне“ до 28 ката

Фото: Фејбук/ Независни за Карпош - За заштита на Карпош

На просторот зад бензинската пумпа на „Макпетрол“ и поликлиниката „Букурешт“ во Карпош сигурно е дека ќе се гради висококатница, но дали таа ќе биде на 28 ката, како што предупредуваат независните советници и граѓани на населбата или пониска, сѐ уште е неизвесно.

Уставен суд деновиве на седница донесе решение со кое се укинува Одлуката за донесување на Регулацискиот план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт 3 05, која Советот на Град Скопје ја донесе на седница пред две години.

Од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ сметаат дека со укинување на Регулацискиот план, нема ограничување во изведбата на решението кое е предвидено во моментално важечкиот ДУП за Градска четврт З 05, каде што на парцелата зад бензинската пумпа на Партизанска, на самиот булевар Осми септември е зацртана 28-катница со приземје и поткровје.

Иницијативата за укинување на Регулацискиот план е поднесена од адвокат Бојан Милошевски, кој е пак поранешен секретар на Општина Карпош во изминатиот мандат на Стевчо Јакимовски. Во овој мандат пак е (или бил) ангажиран за адвокатски услуги од Општина Карпош. Дали со пари на општината е платен за услугата со која на приватен инвеститор му се овозможуваат поголеми габарити за градење? Со други зборови, бетонското чудовиште кај и да е, ќе почне да никнува во Карпош, освен ако не се продолжи 14-тата седница на која е заглавена точката за суспензија, за која никако да се собере кворум од 12 советници за да се реализира, велат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Оттаму објаснуваат дека независните советнички предложиле суспензија на ДУП З 05 блок 08, но дека суспензијата сѐ уште не е усвоена од советниците. Според нив, најголем проблем околу усвојувањето е што во член 2 од предлог-одлуката „се задолжува градоначалник на Општина Карпош и соодветните општински сектори за запирање на издавањето градежни дозволи и извршувањето на поединечни акти за блок 08 од ДУП за градска четврт 3 05 помеѓу бул. Илинден, бул. Осми септември, бул. Партизански одреди и ул. Љубљанска, донесен со одлука на Совет 07-7546/4 од 06.11.2013, додека трае процесот на изготвување стручен елаборат и носење одлука за суспензија“.

Градоначалникот Јакимовски, пак, уште минатата година, кога во јавноста повторно се појави информацијата за изградбата на висококатницата, беше категоричен дека нема да дозволи да се гради 28-катница, но дека зградата е вцртана во планот и ќе има најмалку 10 ката.

Актуелниот Детален урбанистички план за Градска четврт 3 05, донесен е во претходниот мандат на градоначалникот Јакимовски и го опфаќа просторот помеѓу булеварите Илинден, Осми септември, Партизански одреди и улицата Љубљанска. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2-домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје (П+26+ПК), со височина од 88 метри.

Ако се реализира ДУП во Карпош 3, со сите згради што ги нацртаа Стевчо Јакимовски со ВМРО-ДПМНЕ, е тоа ќе биде „крах“ за сите нас што сме инвестирале да живееме во оваа населба. Можеби и ние треба да најдеме адвокат да ги брани нашите стекнати права, ама во Стразбур се разбира – коментира жител на Карпош на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот