Висок процент од родителите согласни младите да изучуваат теми од сексуално образование

Сеопфатно сексуално образование

Осумстотини родители и старатели преку телефонска анкета, направена во јули годинава, позитивно се изјасниле во врска со содржините по предметот Сексуално образование, кој од наредната учебна година ќе почне да се изучува во четири основни училишта во Македонија. Ова денеска на прес конференција го изјави извршниот директор на ХЕРА, Бојан Јовановски.

Според резултатите од направената анкета, најголем број од родителите (96%) сметаат дека сексуалното образование ќе им помогне на нивните деца да научат како да се заштитат од сексуално насилство во секојдневниот живот и на социјалните мрежи, а ист процент сметаат и дека овој предмет ќе им овозможи полесно да добијат медицинска помош во случај на ризик од ХИВ и сексуално преносливи болести, како и несекана бременост.

Прочитајте и… НУНС ги повика надлежните да утврдат по чија наредба се пропагира омраза против Телевизијата Н1
Родителите сепак, најмалку го поддржуваат воведувањето на овој, за почеток изборен предмет, од кој децата ќе го дознаат значењето од давање согласност при влегување во сексуален однос, особено првиот.

Важно да се напомене, според Јовановски, е дека етничката припадност на родителите нема значајно влијание за воведување на содржини за сексуално образование. Имено, кај родителите со македонска етничка припадност прифаќањето за изучување на сите теми од сексуалното образование се движи меѓу 90-97 проценти, додека кај родителите Албанци, меѓу 81-95 проценти.

На часовите по сексуално образование, во рамки на пилот програмата, како што беше истакнато на прес конференцијата, ќе предаваат наставници, кои не мора задолжително да предаваат биологија.

– За предавањата ќе можат да се пријават и наставници по музичко или физичко, ако темата ја чувствуваат за блиска, и доколку сметаат дека ќе дадат придонес во сексуалното образование. Обуките за наставниците ќе ги спроведува бирото за развој на образованието во состав на МОН – објасни извршниот директор на ХЕРА.

Пилот проектот ќе започне во четири училишта, две во градски и две во приградски средини, каде што учат деца од етнички мешан состав.

Досега преку врсничките едукатори, во рамки на неформалните предавања, часови по сексуално образование следеле 1.300 млади во 20 училишта во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот