Вирусот губи на сила, олабавувањето на мерките за заштита треба да оди постепено и претпазливо

Епидемиолозите кои активно ги следат состојбите велат дека бројките на новозаболени и другите параметри покажуваат дека ширењето на болеста губи на сила поради што и може да се размислува за олабавување на мерките, но тоа мора да оди многу внимателно и постепено.

Мерките за ограничување на движење ја постигнаа целта, односно спречија нагло ширење на новиот вирус, но веќе почнуваат да создаваат фрустрации кај луѓето, а предизвикаа и голема штета на економијата. Епидемиолозите кои активно ги следат состојбите велат дека бројките на новозаболени и другите параметри покажуваат дека ширењето на болеста губи на сила поради што и може да се размислува за олабавување на мерките, но тоа мора да оди многу внимателно и постепено.

Епидемиологот Драган Даниловски објаснува дека епидемиолошките параметри покажуваат дека вирусот веќе не се шири како на почетокот.

-Репродуктивен базичен број, кој покажува колку луѓе може да зарази едно инфицирано лице, беше околу 4 и се додека тој број е толку висок имаме експоненцијално растење на бројот на случаи. Тој број порано за неколку дена се дуплираше – вели тој.

Ако тоа се дозволеше, објаснува Даниловски, да се развиваа така работите, ќе се создадеше еден вид на шумски пожар, односно здравствениот систем ќе се најдеше во ситуација да не може да одговори на потребите. Затоа и мораше да се пристапи кон воведување на рестриктивни мерки.

-Овие мерки колку и да не беа популарни доведоа до тоа да се изедначи епидемиската крива односно да стане како рамно плато без врвови. Тоа го постигнавме од средината на април, бројот на болни растеше стабилно. Во последниве денови, бројот на болни и опаѓа и тоа во услови кога многу повеќе се тестира. Ако порано, околу 10 отсто од тестираните беа инфицирани, сега тој процент е околу 5. Важен показател е и бројот на умрени, кој иако расте, индексите се мали, односно и тука е постигнато плато и тој е стабилен. Репродуктивниот базичен број сега е спуштен по 1 односно 0.6 или 0.7, односно 10 заразени ќе заболат 5-6 други. Се што ќе се појавува натака е опашка. Ова се параметри за олабавување на мерките – вели Даниловски.

Тој е дециден дека овие параметри треба да се индикација за олабавување на мерките, но не треба многу да не охрабрат и не смее да се оди кон брзо укинување на рестриктивните мерки.

-Ако поединечно анализираме некои средини како Тетово, Куманово, Прилеп, не е така низок бројот на заболени. Таму мора да се почитуваат повеќе мерките. Генерално олабавувањето мора да оди претпазливо и постепено и со задолжително носење на маски за лична заштита. Обична памучна маска ставена преку устата и носот и до 70 отсто може да ги намали шансите за ширење на болеста – објаснува Даниловски.

Тој посочува дека ако младите се најпотентен пренесувач на заразата, тогаш училиштата сигурно не треба да бидат ставени во функција до крајот на годината.

– Уште една причина зошто сѐ уште не треба да се отворат е и фактот што не може да се очекува учениците да одржуваат социјална дистанца, ниту да носат (исправно) маски – вели Даниловски.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера рече дека за разлика од првите предвидувања дека ќе има вкупно до 2.500 заболени, таа бројка ќе биде помала, односно околу 1 700.

Микробиологот Никола Пановски вели дека се создадени услови за олабавување на рестриктивните мерки.

-Сметам дека пикот поминал, нема да има нагорна линија на нови заболени. До 5 мај не очекувам целосно укинување на полицискиот час,  доколку се задржи истото темпо, очекувам по 15 мај олабавување на мерките –  вели Пановски.

Тој смета и дека треба да се види и како ќе се одрази олабавувањето на мерките во другите земји кои тоа го сторија пред нас. Исто така засега е неизвесно и дали ќе има втор пик на болеста во септември.

-Уште две недели би требало да го снема вирусот или да се истошти – посочува Пановски.

И во соседните земји владите почнуваат полека да ги олабавуваат мерките за заштита од коронавирусот. Во Албанија ќе се дозволи да се отвораат продавниците за облека, текстил, чевли и производи од кожа, продавници за мебел, осветлување, цвеќари, продавници за електронски уреди, продавници за детски играчки, спортска опрема, телекомуникациска опрема и таксистите.

И во Србија се отворија пазарите, фризерниците и центрите за фитнес, а во Хрватска почна првата фаза на олабавување на мерките која дозволува отворање на многу бизниси и активности кои не се извршуваат со блиски контакти, како кројачи, клучари и продавници за мебел. На хрватските острови се отвораат библиотеките, книжарниците, музеите и галериите. Хрватска има над 2 илјади заразени и повеќе од  50 починати.

Од 4 мај и Грција најави отворање на продавниците, салоните за убавина и црквите. Останува да се види дали ќе има олеснувања на мерките и во Косово.

Намалување на заразени има и во Словенија, во последните 24 часа има само 6 нови случаи, но властите одлучија отворањето на бизнисите да почека уште некое време. Во последните денови во Словенија се отворија спортските објекти, сервисите за автомобили, пералните и други бизниси. Но Словенците не се задоволни од ова олабавување па организираа протести.

Во Црна Гора во последните 24 часа нема нови заразени така што останува досегашната бројка на заразени од 321. Според властите, земјата го помина најлошото сценарио, но граѓаните треба да продолжат со почитување на мерките за лична хигиена и физичко растојание.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот