Виолинистката Ајман Мусахоџаева од Казахстан ќе настапи со оркестарот на филхармонијата

Оркестарот на Филхармонија на 8 октомври ќе го одржи концертот „Поле за игра“ на кој како солистка ќе настапи исклучителната виолинистка Ајман Мусахоџаева од Казахстан. Диригент е Сашо Татарчевски, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар од Менделсон и Симфонијата број 96 „Чудо“ од Хајдн.

Виолинистката Ајман Мусахоџаева од Казахстан е на листата на исклучителни музичари на 20 -тиот век, која ја направи Енциклопедијата на универзитетот во Кембриџ, а од биографскиот центар на овој угледен универзитет ја доби и титулата „Интернационален уметник за 2003 година“. Мусахоџаева е и „Уметник на мирот“ на УНЕСКО, а наградена е од претседателот на Италија и од Ватикан за своите уметнички достигнувања. Свири на виолина „Страдивариус“ од 1732 година.

Диригентот Сашо Татарчевски е роден во Битола, каде се здобива со основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на ФМУ Скопје на катедрите за хорско и оркестарско диригирање а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано. Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.

Музиката на германскиот композитор Феликс Менделсон (1809-1847) е совршен микс на класичната пропорционалност со романтичарската жестокост. Неговиот музички стил е оригинален, но не и радикален. Концертот за виолина и оркестар во е-мол, оп.64 е едно од најпознатите негови дела и еден од омилените во солистичкиот репертоар. Станува збор за големо оркестарско дело кое Менделсон го пишувал шест години. Му го посветил на Фердинанд Давид, близок пријател и концерт мајстор во оркестарот во Лајпциг. Додека го пишувал бил во постојан контакт со Давид кој му дал многу сугестии. Овој концерт е еден од најизведуваните дела во виолинскиот репертоар и бил инспирација за многу други композитори.

Јозеф Хајдн (1732-1809) е австриски композитор и една од најзначајните фигури во развојот на класичниот музички стил во 18 век. Тој ги поставил формата и стилот на симфонијата и гудачкиот квартет. Затоа го викаат и „татко на симфонијата“ и „татко на гудачкиот квартет“. Тоа што со години живеел како дворски музичар кај богатото семејство Естерхази, како што самиот велел „го направило да биде оригинален, бидејќи не ги следел тогашните трендови во музиката“. Му бил пријател и ментор на Моцарт и тутор на Бетовен. Симфонијата број 96 во Де-дур ја завршил во 1791 година како дел од симфониите кои ги создал пред неговото прво патување во Лондон. Првпат била изведена во Лондон на 11 март 1791 година. Иако е четврта од дванаесетте Лондонски симфонии (93-104) таа била прва напишана и изведена. Позната е и како симфонија „Чудо“, бидејќи за време на премиерата се откачил еден од лустерите во салата. За среќа, лустерот паднал откако завршила изведбата, а публиката аплаудирала пред самата сцена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот