Вино, марихуана, оружје или колонска вода? Еве што е најважно во светот за домашни залихи, во некои земји воопшто не размислуваат за тоалетна хартија

Додека милиони луѓе ширум светот се подготвуваат за самоизолација во своите домови за да се спречи ширењето на коронавирус, во многу трговски центри полиците се празни. 

Предусловот за преживување, судејќи по многу земји, е тоалетната хартија бидејќи прва исчезнува од полиците. Потрошувачите во САД, Европа и Израел се жалат на недостаток на тоалетна хартија и покрај тврдењата на властите и доставувачите дека залихите се доволни.

Жителите на останатиот дел од светот сепак, не „потрчале“ прво по тоалетна хартија.

Иран и Италија: Зошто сите купуваат тоалетна хартија? 

На Иранците и Италијаните им е необично што во другите земји купувачите се тепаат за тоалетна хартија.

Во повеќето италијански бањи има мијалници, а во Иран луѓето се мијат после нужда и потоа се бришат со платнени крпи.

Од друга страна, во овие земји недостасуваат средства за заштита и средства за дезинфекција, како и во многу други земји во светот.

На пример, во Италија, можат да се видат насекаде натписи: „Нема маски“, а овие натписи сега се видливи и во други земји.

Шпанија: Вино за домашни залихи

Веќе неколку дена во повеќето шпански продавници нема ни за „лек“ вино, тоалетна хартија и тестенини. И Италијанците сè почесто се наоѓаат пред празните полици за вино. Со оглед на тоа дека во овие земји сега често се јаде дома, луѓето купуваат големи пакувања на вино одеднаш.

Турција: Колонска вода

Во Турција нема никакви изгледи да купите „Kolonyu”. Традиционално таа колонска вода се служи на посетителите, а може да се користи и за освежување на рацете. Со оглед на тоа дека содржи 80 отсто алкохол, може да служи и како средство за дезинфекција.

Холандија: Марихуана 

Жителите на Холандија прават залихи од марихуана – непосредно пред затворање на „кофи шоповите“, лушето чекале во редови минатата недела за да се снабдат.

САД: Оружје и вода

„Не морате толку од тоа да купувате“, рекол неодамна американскиот претседател Трамп. „Опуштете се“. Но тоа не ги поколебало Американците во походот на продавниците.

Од многу полици во САД исчезнала конзервираната храна и тоалетната хартија. Флашираната вода е на врвот на пописот на артикли, а по неа следува месото.

Американците, се чини, коронавирусот намеруваат да го дочекаат вооружени до заби – драматично пораснала продажбата на оружје и некои известуваат за речиси 300 отсто зголемена продажба и редови пред продавниците за оружје.

Скандинавија: Аналгетици

Во Скандинавија властите ги повикале луѓето да не создаваат залиха на средства против болки како парацетамол и инсулин. И таму се празни полиците со тоалетна хартија.

„Мислат ли луѓето дека Ковид -19 е цревна болест?“, прашува Хенрик Сјостром од фирмата Essity која произведува тоалетна хартија.

Бугарија: Портокали

Бугарите изгледа се жители на Земјата со највисока свест за здравјето – таму панично се купуваат портокали и други извори на витамин Ц. Цитрусите воглавно исчезнале од продавниците.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот