Винарници, сокарници, обложувалници не ја „даваат“ неделата

Скопје / март 2021 / фото: ЕПА/ЕФЕ

Како што одминува времето, сѐ повеќе сектори сакаат да работат во недела. Производители на грозје и вино, на сокови од овошје и зеленчук, на акумулатори, некои придружни дејности и обложувалници, ги доставија своите забелешки на измените на Предлог-законот за работни односи на ЕНЕР, а Здружението за градежништво јавно се изјасни дека и градежниот сектор не смее да прекине со работа во неделите.

Јавната дебата за овој закон завршува до крајот на месецов, но озваничувањето на неделата како неработен ден е пролонгирано за 1 јануари 2022 година. Од Министерството за труд неколкупати информираа дека околу четириесетина дејности ќе продолжат да работат во недела, со тоа што работниците ќе добиваат двојна дневница. Синдикатите и граѓанските здруженија жестоко посочија дека суштината на предлогот не беше само дополнителното плаќање, туку работниците да имаат неработна недела, како и администрацијата.

Градежните компании се загрижени за предложените решенија во Законот за работните односи со кои недела се предвидува како неработен ден и сметаат дека тие ќе имаат сериозни негативни последици врз секторот и реализацијата на капиталните проекти.

– Мора да се земе предвид дека за разлика од други дејности, извршувањето на работите во градежништвото е директно зависно од повеќе фактори (временските услови, технологијата, роковите, спецификите на градежните материјали). Поради сето ова, активностите поврзани со реализација на големите капитални инвестиции и објекти од јавен интерес не смеат да трпат никакви ограничувања, ниту со Законот за работни односи, ниту со посебните закони – посочи неодамна Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при СКМ. Во секторот лани биле активни 5.263 или 7,2 отсто од вкупниот број активни компании, а во нив работат 55.165 лица или 6,9 отсто од вкупниот број вработени во државата.

Во своите забелешки на законот од Винарницата „Тиквеш“, истакнуваат дека предлогот за неработна недела е нелогичен и со него може да се предизвика застој во производството на вино. Затоа предлагаат списокот на дејности што ќе работат во недела да се прошири и со дејностите од лозарството и производството на пијалаци. Да работат во недела се залагаат и производителите на сокови од овошје и зеленчук.

– Свежите суровини (овошје) се сезонски условени и бараат тековна набавка и непрекината и брза преработка. Само на тој начин компаниите што се занимаваат со оваа дејност би гарантирале висок квалитет на своите производи што ги пласираат на домашниот и на странскиот пазар – посочуваат производителите.

И од ТАБ МАК ДООЕЛ Пробиштип сметаат дека производството на акумулатори се остварува во фабрика, каде што техничко-технолошкиот процес бара континуитет во работата, без прекин 24/7 и четирисменско работење, па затоа неработната недела не треба да важи и за нив. Забелешки имаат и од ФОД ДООЕЛ Новаци АД ЕСМ, која е главен сервис на ниво на ЕСМ, така што нивниот производствен процес е тесно поврзан со производството на електрична енергија и вадење јаглен.

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници посочуваат неработењето во недела ќе го загрози работниот процес во кој се ангажирани 3.500 лица, особено што спортските натпревари се одржуваат во недела, кога и се остварува 70 проценти од нивниот промет.

Ковид-19 да се признае како професионално заболување за сите работници

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа побара ковид -19 да се признае како професионално заболување за сите работници, а на вработените што ќе отсуствуваат од работа поради оваа болест да им бидат исплатени 100 проценти од основицата на плата утврдена со закон.

– Последиците од пандемијата можат да бидат катастрофални. Апелираме на заедничко и брзо делување на сите релевантни чинители затоа што од сите нас, без исклучок, зависи дали во периодот што ни претстои ќе бидеме на висината на задачата да преземеме активности што ќе обезбедат опстанок – изјави секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски.

Во изминатиот период прогласување на ковид-19 за професионално заболување и исплата на 100 проценти плата за заболените побараа и Конфедерацијата на слободни синдикати и Македонското здружение за заштита при работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот