Вилијан синиот дрес го менува за црвен, во наредните три години ќе игра за Арсенал
Бразилецот ги договори сите услови со Арсенал и се чека само официјална промоција.
Вилијан ја заврши својата ера во Челси и од наредната сезона ќе игра во дресот на Арсенал кој беше најконкретен во преговорите со Бразилецот. Одличниот фудбалер се договори за тригодишна соработка која ќе му носи плата од речиси шест милиони евра.
Иако сакаше да остане на „Стемфорд бриџ“ каде ги помина последните седум години, челниците на Челси не сакаа да му ги исполнат барањата за тригодишен договор иако тренерот Френк Лампард инсистираше да се најде заеднички јазик. Директорката на Челси, Марина Грановскаја нудеше прво едногодишен договор, а потоа и двегодишен, но Бразилецот инсистираше на три години и на крајот не успеаја да најдат заеднички јазик.
Тоа го искористи Арсенал кој веднаш му понуди тригодишен договор по што Микел Артета ќе добие одличен фудбалер кој треба да биде предводник на „топчиите“, а Вилијан исто така ќе ја има улогата и на ментор на младите играчи.
Вилијан професионалната кариера ја започна во Коринтијанс, но уште како тинејџер беше забележан од скаутите на Шахтхор Доњецк каде помина шест сезони (2007-2013), по што се пресели во рускиот Анжи. Таму издржа само една полусезона по што за сума од 35.5 милиони евра потпишува за Челси.