Викторија Вујовиќ, невропсихијатар: Не ги учете вашите деца да бидат богати, туку среќни!

Kако да ги научиме нашите деца, денес, да бидат среќни? Нештата се во индивидуалноста во доживувањето на чувството на пријатност. Со зборови, без зборови, со насмевка, сјај или восхит во очите, може да ги поттикнете и да нацртаат нешто кога се среќни, да ја отпеат или ислушаат музиката што ги прави среќни. Споделувајте ја среќата со врсниците, со помалите и со повозрасните, тогаш среќата станува поголема и попрепознатлива.

Важно е на нашите деца да не им го нудиме лажниот морал на среќа, да не ги збунуваме со двојните пораки. Колку ние, возрасните, сме уморни или несреќни, а од нив очекуваме да бидат весели и среќни! Преголемите очекувања од децата во процесот на нивното образование, од наставниците до родителите, прави расчекор меѓу желбите и можностите и води кон чувство кое е вознемирувачко. А, вознемирено дете не може да биде среќно.

Да им дадеме можност да почувствувуваат колку сме ние возрасните среќни кога се тие покрај нас. Поттикнувајте ги на непосредна средба со животот и обидете се да им објасните дека виртуелната комуникација отуѓува. Колачето што ќе го приготви мама, зачинето со љубов, е највкусно. Кога тато ќе ве дочека пред училиште, најубаво е. Кога наставникот ќе ти каже дека ти можеш – детето е најсреќно. И кога во детските игри во кои се слушаат гласови и се даруваат насмевки, кога се лутат, кога губат или победуваат, среќни се! Но не инсистирајте да ви кажат дека се среќни. Тоа е погрешен начин на кој возрасните ја изнудуваат среќата од децата и со тоа ги прават само тажни. Зашто детето не сака да лаже. Ако ви каже – сослушајте го, ако не ви каже, тогаш почувствувајте го!

Не ги учете вашите деца да бидат богати, научете ги да бидат среќни, па кога ќе пораснат ќе знаат да ги вреднуваат нештата, а не цената. И тогаш велам, ќе се чувствувате како реализиран родител, бидејќи тоа е онаа цена која нема цена.

Пишува проф. Викторија Вујовиќ, невропсихијатар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот